Бројот на жртви од Ковид-19 незначителен во однос на последиците од срцеви заболувања, рак, сообраќајки


Загриженоста на јавноста расте поради ширењето на новиот коронавирус и бројот на смртни случаи кои достигнаа 3.400, но фаталните последици од вирусот Ковид-19 се незначителни во споредба со последиците од срцеви заболувања, рак, сообраќајни несреќи, самоубиство…

Најголемите „убијци“ во моментот се кардиоваскуларни заболувања – од хипертензија до мозочен удар. Тие се одговорни за 17,8 милиони смртни случаи во 2017 година, што е приближно една третина од вкупно 56 милиони смртни случаи во таа година.
Ракот е исто така на врвот – вкупно 9,6 милиони смртни случаи. Респираторни заболувања и инфекции однеле 6,5 милиони животи.

Деменцијата, дигестивните заболувања и дијабетесот исто така одземаат многу животи. И покрај тековните напредоци во третманот, ХИВ / СИДА однесе приближно 942.000 животи во 2017 година и маларијата 620.000. Сезонските епидемии на грип „убиваат“ помеѓу 290.000 и 650.000 луѓе годишно, според Светската здравствена организација.

Во однос на факторот на ризик, високиот крвен притисок е поврзан со 10,4 милиони смртни случаи во 2017 година, пушење со 7,1 милиони, висок шеќер во крвта со 6,53 милиони, загадување на воздухот со 4,9 милиони и прекумерна тежина со околу. 4,7 милиони смртни случаи.

Секојдневниот живот носи и други ризици. Повредите на пат се покажаа фатални за 1,24 милиони луѓе во 2017 година – околу 3.400 на ден.

Самоубиството е уште една честа причина за смрт. Речиси 800.000 луѓе умираат на тој начин секоја година, или едно лице на секои 40 секунди, проценува СЗО. Во нивни извештај се вели дека за секое возрасно лице кое извршило самоубиство повеќе од 20 други се обидуваат да си го одземат животот.

Околу 464.000 луѓе ширум светот биле убиени во 2017 година, надминувајќи ги 89.000 убиени во вооружени судири во истиот период, според Глобалната студија за убиства во 2019 година објавена од Канцеларијата на ОН за борба со дрога и криминал (УНОДЦ).