Бројот на загинатите од рускиот напад на железничката станица се искачи на 25


Кратер во станбената област во Чаплине по рускиот напад (Фото: Ројтерс)

 

Бројот на загинати во рускиот напад во средата на железничка станица во украинската област Днепропетровск се искачи на 25, соопштија украинските власти.

Кирило Тимошенко, заменик-шеф на кабинетот на претседателот рече дека операциите за пребарување и спасување биле завршени на станицата во селото Чаплинe.

„Дваесет и пет лица загинаа, меѓу кои две деца, 31 лице се повредени поради гранатирањето на станбениот сектор и железничката станица“, рече Тимошенко во четвртокот. „Единаесетгодишно момче загина под урнатините на куќа, 6-годишно дете загина во пожар во автомобил во близина на железничката станица“.

Нападот беше еден од неколкуте руски напади извршени околу Украина во средата кога земјата го одбележа Денот на независноста на Украина, соопштија официјални лица.

Јуриј Сак, советник на украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников, изјави за Си-Ен-Ен дека Русија извршила „ракетни напади низ украинската територија“.

„Во другите поголеми градови во Украина, дури и во оние кои се далеку од бојното поле, имаше експлозии, имаше ракетни напади“, рече Сак, додавајќи дека Киев во средата имал најмалку осум сирени за воздушен напад.

Две руски ракети погодија заедници во близина на главниот град на Украина Киев во текот на ноќта кон четвртокот, според Олексиј Кулеба, шеф на регионалната државна администрација на Киев.

„Ноќта непријателот изврши ракетен напад врз една од заедниците во областа Вишхород. Беа забележани два удари“, рече Кулеба.

Нема информации за повредени или уништување на инфраструктурата, додаде тој.