Бројот на заболени од шуга пораснал за 46 отсто за една година

Минатата календарска година, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) евидентирал 493 лица кои заболеле од шуга во државата, а оваа бројка во 2023 била 337 лица, што е покачување за безмалку половина случаи, информираат во ИЈЗ во нивното последно соопштение. Освен тоа, во јануари годинава, регистрирани се 28 случаи, од кои 16 се во Скопје. И покрај ваквите бројки, епидемиолозите смируваат и велат дека нема простор за паника.
Д-р Драган Кочински, епидемиолог во ИЈЗ, за Мета вели дека ширење на заразата, односно групно заразување во болници, училишта, градинки – нема.
„Бројот од 28 случаи во јануари е иста како лани. Во однос на годишното зголемување од 46,3 отсто, јас за таа бројка, лично, би имал голема резерва оти ние сè уште ги чувствуваме последиците од ковид пандемијата, кога системот ни беше целосно запрен. Пријавувањето на заразни болести беше минимално. Од тие причини, сметам дека простор за паника нема“, вели д-р Кочински за Мета.мк.
Тој објаснува дека шугата е болест која ја има постојано и дека не се пренесува лесно тоа заболување.
„Потребен е полбизок и подолг контакт да се има со заболено лице за да може да се пренесе заразата. Нема да се заразите ако на пример, се фатите за рачката во автобус која претходно ја користел некој заразен со ова заболување“, додава Кочински.
Шуга е паразитска инфекција предизвикана од мал паразит, познат како Sarcoptes scabiei var hominis. Овој паразит продира во горниот слој на кожата, каде што се размножува, предизвикувајќи силен осип и неподносливо чешање. Но, шугата не е само непријатност – таа може да доведе до сериозни компликации како што се бактериски инфекции на кожата, сепса, па дури и заболувања на срцето и бубрезите.
Болеста се пренесува преку директен близок физички контакт кожа на кожа со заразено лице (заедничко живеење, спиење, многу често при кампувања и кај лица кои живеат во лоши хигиенски услови). Ризикот е особено висок во домови, училишта, болници или бегалски кампови. Пренос преку облека или постелнина е поредок, но сепак можен. Важно е да се напомене дека заразеното лице може да ја пренесе болеста дури и пред да развие симптоми, што ја прави шугата предизвик за контрола.
Симптомите на шугата може да се јават 4 до 6 недели по инфекцијата. Најчесто се манифестираат како: Силно чешање, кое е најинтензивно ноќе. Најчеста локализација на промените се вдлабнатините (браздите) помеѓу прстите на рацете и нозете, свивките на лактите, предните набори на пазувите, папокот, половината и регионот на препоните. Грбот е ретко зафатен, а главата и тилот обично не се зафатени. Важни дијагностички знаци се скабиозните канали, на чиј крај може да се види црна точка. Исто така можат да се забележат и други кожни промени по телото, од типот на макули и папули. Во почетокот на болеста постојат скудни кожни промени, но пациентот е заразен за околината. Со развојот на алергијата, се засилува и јадежот.
Во однос на превентива, треба да се избегнува контакт со заразени лица, посебно ако имаат чешање или осип. Ако некој во домаќинството има шуга, треба да се лекуваат сите членови на семејството, дури и ако немаат симптоми.