Бројот на вработени да не биде услов за онлајн медиумите: Дебата за измените во законот

На денешната дебата за предлог-измените на законот беше посочено дека со тоа можат да бидат уништени локалните медиуми, чии ресурси се максимално ограничени


Од дебатата за онлајн медиумите

Онлајн медиумите и новинарите од локалните средини може да се соочат со затворање и низа на други проблеми доколку предлог-измените на Законот за медиуми кои се во собраниска процедура поминат во сегашната форма е  заклучокот од панел дискусијата „Измените на Законот за медиуми и локалните медиуми“, која што се одржа во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Институтот РЕСИС.

Според барањата на новинарите, бројот на вработени не треба да услов за регистрирање на онлајн медиумите, туку доволно ќе биде наведувањето импресум, транспарентна сопственост, уредништво, мк домејн и адреса. Како што беше речено, бројот на вработени и некои други построги критериуми кои би можеле да се додадат во законското решение, треба да важат само доколку овие медиуми аплицираат за некаква форма на државни субвенции или пари од кампањи.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски рече дека потребата онлајн медиумите да бидат препознаени во законот е несомнена, но дека е потребна сеопфатна реформа на медиумските закони која ќе биде долгорочна и усогласена со европската регулатива – особено со Европскиот акт за слобода на медиумите. Според него, повеќе од една чевртина од граѓаните во Македонија живеат во таканаречени медиумски пустини, каде што нема ниту локален медиум, ниту дописник и дека тоа сериозно се одразува на медиумскиот плурализам и на демократските процеси во земјата.

На панелот се спомена дека е можеби добро онлајн медиумите да бидат условени при регистрацијата со еден до максимум двајца вработени или дека отворањето интернет портал е бизнис за кој еднакво треба да важат пазарните услови како и за останатите стопански субјекти од медиумската сфера. Поставено беше и прашањето зошто онлајн медиумите се ставени во подредена положба во однос на печатените кои добиваат субвенции. Исто така, имаше предочувања дека некои портали едноставно немаат потреба од повеќе вработени, а сакаат и работат професионално, плаќаат данок и доброволно се регистрирани.

Според дел од дискутантите, „многу е подобро да се регулира прашањето како еден правен субјект може да има 30 портали особено во период пред и за време на избори, отколку да им се наметнува на онлајн медиумите кои ионака тешко преживуваат, да имаат одреден број вработени“.

Една од пораките беше и дека целта на регистарот е транспарентност, да се знае точно кои се медиуми постојат во државата. Не треба воопшто, беше посочено, да се навлегува во приказната за број на вработени во онлајн порталите, зашто тоа го прави регистрирањето рестриктивно и таква интервенција не постои во ниту една земја. 

Претставникот од Министерство за дигитална трансформација, Мишко Талевски, кој ги презентираше предлог-измените, напомена дека тие не се финални и изрази верување дека денеска изнесените забелешки ќе бидат земени предвид. Измените, рече тој, се на иницијатива на здружението „Онлајн медиа “, а предвидуваат и ги обврзуваат онлајн медиумите да имаат импресум, да ги прикажат сопственичката структура, фирмата и седиштето, да имаат регистриран мкд домејн и да имаат најмалку тројца вработени за да можат ако сакаат, на доброволна основа да бидат евидентирани во регистарот на издавачи на онлајн медиуми. Талески ја нагласи важноста од регулирање на оваа сфера со оглед дека, како што потенцира, 70 отсто од јавноста се информира преку онлајн медиумите.  

ССНМ останува на ставот дека треба да има комплетно нов закон за медиуми, усогласен со европската регулатива и со европскиот акт за слобода на медиумите.

„Ваквото решение, со овие критериуми кои се ставени во Предлог-законот што сега е во Собрание, е сериозна закана за локалните медиуми, особено за професионалните локални медиуми. Треба да се направи измена и да се намали критериумот за локалните медиуми, специјализираните медиуми и медиумите на заедниците кои, иако се мали, креираат важни содржини и објавуваат информации од јавен интерес. Регистарот на професионални медиуми треба да ги содржи основните критериуми како импресум, сопственост, мк домејн…, но построгите критериуми како број на вработени и некои други, треба да важат само доколку овие медиуми аплицираат за некаква форма на државни субвенции или пари од кампањи. Најдобро би било тие критериуми да важат за она што лобираме заедно со ЗНМ – формирање фонд за новинарство или фонд за плурализам. Со ова ќе се решат две работи, нема да има благо лиценцирање на онлајн медиумите и ќе се воспостави заштитен механизам за злоупотреба на државните средства“, рече претседателот на ССНМ, Павле Беловски.

Беловски напомена дека речиси една четвртина од населението во Македонија живее во т.н. медиумски пустини. Огромен дел од општините, рече, немаат локален медиум или дописник што е закана за демократијата, бидејќи огромен број граѓани се лишени од професионални и објективни информации и не можат да носат информирани одлуки.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, порача дека е потребно јасно дефинирање на статусот на онлајн медиумите. Не смее, напомена, да бидат дискриминирани специјализираните портали (онлајн медиумите, локалните онлајн медиуми) зашто тие претежно објавуваат вести од локален јавен интерес. Чадиковски се осврна и на злоупотребата при поделбата на јавните пари во онлајн медиумите, на државните средства кои политичките партии ги пласираат во медиумите. Тешко дека се медиуми поратлите на кои партиите им даваат државни пари, оцени, дополнувајќи дека сите сме свесни како во повеќе изборни процеси „никнуваа“ разни портали и порталчиња за да можат партиите да остварат дел од своите бизнис интереси преку државните пари.

„Националните медиуми се во многу подобра состојба од локалните, но и покрај тоа, кубуриме со дописници од градовите и кај националните телевизии, а уште повече кај онлајн медиумите кај кои тоа речиси и не постои или е многу малку изразено. Оставени се педесетина локални онлајн медиуми кои на некој начин успеваат или не секогаш да се изборат со своите проблеми за да може да ги информираат граѓаните. Кога има информација од јавен интерес, а доаѓа од Виница или Кичево, ретко ќе најдете национален медиум што таа информација ќе ја објави или ќе и обрне повеќе внимание за да ги информира граѓаните од тие локални заедници за тоа што се случува во нивните средини. Како да сме заборавиле дека јавниот интерес е јавно добро и е важен за целата јавност, не само за Скопје“, истакна Чадиковски.

Анета Блажевска од „Апла“ од Битола опиша што значи да се биде професионален локален медиум. Притоа подвлече дека за неа е невозможно да има тројца вработени.

„Кој како доаѓаше на власт, го разнебитуваше новинарството во Битола. За нас е невозможно да имаме тројца вработени. Нема општествено одговорни компании. Една телевизија имаме, но ни за неа нема реклами. Како ќе се финансираме? Повторно ќе бидеме измеќари на тие што се на власт. Немаме пари да плаќаме кирии, телефони, интернети. За какви редакции зборувате? Нема простор еден да се вработи, јас, на пример, сум вработена како продавачка на четири часа. Со вакви законски решенија нѐ уништувате, ги уништувате професионалните новинари, а ако нѐ уништите, политичките партии ќе си го продолжат тоа што сакаат, да кројат мислење. Си имаат п.р., камермани, фотографи“, рече Блажевска.

Убавка Јаневска од „Дума“, Велес, која се согласува онлајн медиумите да бидат регулирани, праша што ќе добијат тие со тоа.

„Прифаќањам да бидам регулирана и ќе плаќам давачки, но што ќе добиеме со регулацијата и зошто сме ние онлај медиумите ставени во подредена положба во однос на печатените кои добиваат и субвенции?“, рече Јаневска.

Предлог-измените на Законот за медиуми се усвоени на владина седница и веќе се во собраниска процедура. (МИА)