Бројот на судиите во Македонија е според европскиот просек
Во иззвештајот на ЕК пишува дека европскиот просек е 22,2 судии на 100.000 жители, а во Македонија бројката изнесува 22,3 судии
И покрај тоа што раководителите на судските тела и органи во Македонија многу често се жалат дека им недостигаат судии за побрзо да се распределува правдата, новиот извештај на Европската комисија претставува поинакви бројки. Според податоците што се соопштени, бројот на судии во Македонија е точно според европскиот просек. Недостигаат обвинители.
Во Извештајот пишува:
„На крајот на 2022 година имало 409 судии, (22,3 на 100.000 жители) од кои 61,3% биле жени и 157 обвинители (8,5 на 100.000 жители), од кои 55% биле жени. Според ЦЕПЕЏ (Европска комисија за ефикансостна на правдата, тело на Советот на Европа), европските просеци се 22,2 судии и 18,8 обвинители на 21 100.000 жители“.
Ако бројот на судии во Македонија е за 0,1 отсто поголем од европскиот просек, тогаш има друг проблем во судството – неефикасноста на судиите и што најголемиот дел од нив сакаат да бидат во Скопје.
Во лошата слика за судството, а особено за Судскиот совет, Извештајот на Европската комисија наведува и светла точка – Врховниот суд.
„Врховниот суд и четирите апелациски судови придонесоа за доследност на пресудите и усогласени судски практики. Тие се фокусираа на разгледување на случаи од висок профил и случаи од јавен интерес. Врховниот суд, по иницијатива на својот претседател, донесе принципиелен став дека сите судови треба да ги објавуваат своите одлуки, без разлика дали се конечни или не, на нивните веб-страници. Судот донесе принципиелен став и за директна примена на Уставот и на Европската конвенција за човекови права во жалбените постапки против одлуките на Судскиот совет за разрешување на судии или претседатели на судови. Врховниот суд донесе и објави 17 дополнителни начелни правни мислења, ставови и заклучоци“, пишува во извештајот.
Европската комисија соопштува и колку пари биле одвоени од буџетот за судскиот систем во 2022 – 83,5 милиони евра. И дека пензионирањето ги осирамашило судските редови: Во 2022 се пензионирале 48 судии и 11 обвинители, а во 2023 треба да се пензионираат 64 судии и 16 обвинители.