Бројот на позитивни случаи минатата недела намален за 16,9 отсто


Фото: Б. Грданоски

Епидемијата на корона-вирусот полека се стабилизира, па дури и ослабнува, ако се суди според неделните податоци на Институтот за јавно здравје. Според овие податоци регистрирани се за 16,9 отсто помалку позитивни случаи, а и бројот на починатите е намален – за 8,6 проценти. Намален и бројот на хоспитализациите, но ситуацијата и поанатаму е многу сериозна и е потребна максимална внимателност од граѓаните и голема посвететеност на здравствените установи и власти.

Огромно искушение за оваа стабилизирана епидемиолошка слика ќе бидат новогодишните празници и евентуалното собирање по домови, каде најлесно се пренесува вирусот.

Според податоците, за периодот од 14 до 20 декември 2020 Тестирани се вкупно 15.607 материјали во лабораториите за присуство на SARS-CoV-2, (тоа е намалување од 1,6% во однос на минатата недела), а биле регистрирани 4.585 нови позитивни случаи. Тоа е намалување од 16,9 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 42,7 проценти, со неделна инциденца – 221,6/100.000.

 

Графика за бројот на починатите од почетокот на пандемијата

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст од над 60 години.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 4.513 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 15,1% помалку во споредба со минатата недела.

Пријавени се 159 смртни случаи од 25 града, со намалување од 8,6% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 131 лице биле над 60 години, 17 лица на возраст од 50-59 години, 8 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и три случаи од возрасната група од 30-39 години.

Графика за бројот на заболени на неделно ниво