Бројот на попишаните Македонци во Бугарија е нереален, вели Стојко Стојков

Бројката од 1.143 веројатно ги одразува само оние што се попишале онлајн, Луѓето се исплачени по долги децении репресија, вели членот на раковоството на ОМО Илинден - Пирин


 

Членот на претседателството на ОМО Илинден-Пирин, Стојко Стојков, во разговор за „Локално“ вели дека бројката од 1.143 лица кои се изјасниле како Македонци на пописот во Бугарија не е реална, бидејќи имало граѓани кои се плашат така да се декларираат. И дека Македонци во Бугарија има многу повеќе.

„Ова бројка е нереална како и сите останати после 1956 г. Таа веројатно ја одразува само бројката на оние што се попишале онлајн. Зашто пописот беше спроведено исклучително непрофесионално и некоректно. Користејќи го Ковид-19 како изговор, попишувачите генерално не ги посетуваа и прашуваа луѓето, туку само им беа земани личните податоци, а потоа попишувачите сами си ги пополнуваа. Во ретките случаи кога ги посетувале, според нашите информации прашањата за народност и мајчин јазик не им биле поставувани“, вели Стојков.

Според него, во случаите кога самите попишувани ги подигнале овие прашања се стигнувало до различни видови спорови за тоа има ли Македонци и македонски јазик и настојување да не бидат запишани луѓето како Македонци.

„Но дури и кога некој успеел да се попише Македонец, нема никаков начин да се контролира дали и така останал попишан или тоа е сменето. На наш обид да направиме таква проверка ни беше одговорено дека според законот немаме такво право дури за нашите лични податоци. Додајте и тоа дека луѓето се исплашени после децении репресии, заменети со децении дискриминација, додајте дека официјална државна политика е дека македонско малцинство нема, додајте ја антимакедонската хистерија што се создаде преку медиумите во последните години и еве ви го резултатот“, објаснува Стојков.

Тој е дециден дека продолжува негирањето на Македонците како народ од страна на бугарската држава.