Бројот на починатите во Србија од корона е двојно поголем од објавените, открива БИРН


Податоците од државниот информативен систем за Ковид-19 откриваат дека во Србија починале 632 лица, а не 244 како што наведуваа властите. Бројката на заразени од 17 до 20 јуни била најмалку 300, а не околу 90 како што се објавуваше

 

Бројот на заразените во податоците од информативниот систем за Ковид-19 на српската држава покажуваат дека умреле повеќе од двапати повеќе заразени пациенти отколку што објавија властите, а стотици повеќе луѓе позитивно се тестирани на вирусот во последните денови отколку што е признаено, открива Балканската истражувачка мрежа (БИРН).

Во периодот од 19 март до 1 јуни годинава, во Србија умреле вкупно 632 лица кои биле тестирани позитивни на корона вирусот – повеќе од двојно од официјално објавениот број од 244 смртни случаи во тој период, дознава БИРН со анализа на податоците добиени од државниот информативен систем за Ковид-19.

Друг податок утврден од државниот информативен систем, исто така, укажува дека бројот на луѓе кои се заразиле во Србија од 17 до 20 јуни бил најмалку 300 дневно.

Ова е далеку повеќе од официјално објавените бројки, кои регистрираа најмногу 97 нови случаи за еден ден во тој период. Србија ги одржа изборите во неделата среде ова очигледно зголемување на инфекциите.

БИРН спроведе детална анализа на податоците од информативниот систем, фокусирајќи се на пациенти кои починале чии резултати од тестот Ковид-19 биле означени како позитивни.

Најголема разлика во бројот на починати има во Клиничкиот центар во Ниш, каде според официјално објавените податоци, од вирусот починале 77 пациенти.

Сепак, податоците од информативниот систем до кои БИРН имаше пристап покажуваат дека починале 243 лица, чии резултати од тестот на Ковид-19 се означени како позитивни – 166 повеќе од официјално регистрирани како смртни случаи на корона вирусот.

Во Клиничкиот центар „Драгиша Мишовиќ“ во главниот град Белград, бројот на починати кои претходно биле тестирани позитивно на Ковид-19 е 94, додека државата објави 39 смртни случаи.

Во неколку други клинички центри во Белград, исто така, имало значителни разлики во бројките на смртност. Вкупно 32 лица кои тестирале позитивно на корона вирусот, официјално се пријавени дека починале во Клиничкиот центар во Земун, додека системот содржи податоци за 88 смртни случаи.

Вкупно 14 пациенти од корона починале во белградскиот Клинички центар „Звездара“ според официјалните бројки, но системот покажува вкупно 59 смртни случаи на заразени пациенти.

Претседателот Александар Вучиќ велеше дека Србија нема да ги крие бројот на заразените и починатите „како што го прават некои други“

Во Клиничкиот центар на Србија, официјалните лица изјавија дека починале 33 лица, но државната база на податоци Ковид-19 покажува дека имало 50 смртни случаи на заразени пациенти.

Во другите болници во Србија, исто така, имаше разлики помеѓу бројот на пациенти официјално пријавени дека починале од вирусот и бројот на загинати на заразени пациенти, иако разликите во бројките не се толку драстични. Во случај на 29 пациенти не е наведена болницата во која починале.

Првата смрт од Ковид-19 е регистрирана во државниот информативен систем на 19 март.

Најголем број смртни случаи имало во средината на април, кога просечно починале 20 лица на ден, но после тоа падна дневната бројка на смртни случаи.

На 12 април државата соопшти дека шест лица починале од вирусот, но информативниот систем регистрирал 23 смртни случаи на луѓе кои биле тестирани позитивно на вирусот.

Следниот ден беше објавено дека починале пет пациенти, но во системот се регистрирани 23 смртни случаи на заразени пациенти.

На 15 април, кога беше официјално објавено дека починале петмина, системот покажува дека имало 20 смртни случаи на заразени пациенти.

Откако беше воведена вонредна состојба на 15 март, Србите можеа да ги дознаат најновите информации за пандемијата на редовните прес-конференции што ги одржуваше националниот кризен штаб, тело предводено од премиерот Ана Брнабиќ и претежно составено од медицински експерти.

Прес-конференциите завршија на 6 мај кога беше укината вонредната состојба и на јавноста и до медиумите им беше кажано да ги добијат најновите информации преку официјалната веб-страница за Ковид-19, која треба да објави податоци од државниот информативен систем.

Откако се појавија сомневања од опозициските политичари и корисниците на социјалните медиуми дека бројките може да бидат многу повисоки од официјално објавените бројки, БИРН испрати барање за информации на 8 мај до Институтот „Батут“, кој управува со информативниот систем за Ковид-19.

БИРН ги побара податоците за вкупниот број на смртни случаи од корона вирусот, како и податоци за тоа во која болница починале, во кој пол и колку години имале.

Институтот „Батут“ побара 40 дена да ги обезбеди информациите, иако сите негови податоци се собираат по електронски пат.

На 16 јуни, Институтот „Батут“ конечно испрати податоци за БИРН, кои беа идентични со веќе објавените на официјалната веб-страница Ковид-19, и во која се наведува дека 244 лица починале од корона вирусот од 19 март до 1 јуни.

БИРН неколкупати се обиде да ги добие дополнителните одговори од директорот на Институтот „Батут“, Верица Јовановиќ, но таа одби да одговори на прашања по телефон и лично.

На 18 јуни, новинарка на БИРН отиде во Институтот и успеа да се сретне со Јовановиќ, но таа повторно одби да одговори на прашања, велејќи дека само ќе може да разговара со новинар на 22 јуни, во присуство на адвокат. И покрај закажаната средба, Јовановиќ во понеделникот одби да се сретне со новинарот на БИРН.

БИРН се обиде да контактира со српскиот министер за здравство, канцеларијата на премиерот, неколку стручни членови на националниот кризен штаб и многу од директорите на клиничките центри во Србија, но тие или не одговорија на повиците на БИРН или одбија да одговорат на прашања.

Прашањето за точноста на бројот на смртни случаи на корона вирус е контроверзно низ целиот свет затоа што различни земји понекогаш користат различни начини на известување. Русија, на пример, е обвинета за недоволно пријавување на смртни случаи, но тврди дека нејзиниот метод е поточен, бидејќи вклучува само луѓе кои починале од самиот вирус, а не заразени луѓе кои починале од други услови.

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече на 1 мај дека Србија нема да го скрие вистинскиот број на смртни случаи поврзани со корона вирус „велејќи дека тие умреле од други причини“.

„Ние ништо нема да скриеме како што прават некои други“, рече Вучиќ. (БИРН)