Бројот на починати во измината седмица се зголемил дури за 62,8 отсто


На мапата на Македонија со темноцрвена боја се општините каде е највисока инциденцата на заболените од корона вирусот

Податоците што секој вторник ги објавува Институтот за јавно здравје за состојбата со пандемијата за изминатата седмица го потврдуваат трендот што се забележува со секојдневните извештаи дека епидемијата се враќа со силен бран. Можеби највознемирувачки се податоците дека бројот на смртни случаи пораснал за 62,8 отсто во однос на претходната недела. Во овој извештаен период имало 70 починати. 

На помалку број тестирања за 2,8 отсто има зголемување на позитивните случаи за 3,9 проценти. Инциденцата во Скопје и натаму е висока – 163,0/100.000. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Неготино и Кавадарци (409,0/100.000). Расте и бројот на хоспитализациите – во болниците се 661 лица (4,9% повеќе во споредба со минатата недела), а од нив 250 се на кислородна поддршка и 18 на респиратор.

Бројката на оздравени се движи во спротивна насока. Во изминатава седмица дури 30,1 отсто имале два негативни теста и статус на оздравени. Во бројки тоа изнесува 1.760 лица, а новите позитивни случаи се 2.320.

Ваквото зголемување на бројките на новите инфекции најмногу се должи на две работи – вирулетноста на британскиот сој на вирусот и непридржувањето кон мерките и полните барови.