Бројот на починати во Холандија забрзано расте


Бројот на загинати од корона вирусот во Холандија се зголеми за 175 и достигна 1.039, според Институтот за јавно здравје во земјата. Институтот предупреди дека вистинската бројка на смртни случаи е поголема, бидејќи само пациентите кои биле тестирани позитивно се сметаат како починати пд Ковид-19.

Бројот на нови потврдени случаи е 845, со што вкупниот број изнесува 12.595. Бидејќи не секој е тестиран поради недостаток на капацитет, вистинскиот број на инфекции е поголем, велат од институтот.

Премиерот Марк Руте изјави денеска дека сегашните мерки насочени кон намалување на ширењето на корона вирусот ќе бидат продолжени до 28 април. Претходно баровите, рестораните, музеите и фризерите беа затворени до 6 април.

Училиштата ќе останат затворени до крајот на училишните одмори на 3 мај, а и подолго доколку е потребно. Настаните на кои им е потребна дозвола ќе бидат забранети до 1 јуни, како што веќе беше објавено минатата недела.

Сепак, Руте предупреди дека работите нема да се вратат во нормала веднаш по 28 април.

„Се надеваме дека повторно можеме полека да му се враќаме на животот, но сè уште не знаеме – работите би можеле да продолжат вака“, рече тој.

Холандскиот министер за финансии, Вопке Хекстра, изјави дека требало да комуницира подобро и да покаже поголема емпатија за време на состанокот со неговите европски колеги за финансиските алатки за справување со кризата со корона вирусот.

„Минатата недела, ние – вклучувајќи ме и мене – требаше да појасниме дека сакаме да помогнеме. Не го сторивме тоа доволно емпатично. Ние го формулиравме на таков начин што доведе до отпор“, рече тој за РТЛЗ.