Бројот на новозаразените во Израел се зголемува со ракетна брзина – денеска 1.137


Полицијата и купувачите на пазарот Махане јехуда во Ерусалим

Министерството за здравство на Израел во вторникот вечерта објави нови бројки кои покажуваат 1.137 инфекции со корона вирус потврдени изминатиот ден, во најголемиот 24-часовен извештај од почетокот на епидемијата во Израел.

Новите случаи го донесоа бројот на вкупно потврдени случаи на 31.886. Министерството за здравство, исто така, објави четири нови смртни случаи, со што бројката достигна 342, што претставува зголемување за осум од понеделникот вечерта.

Бројот на сериозни случаи е намален од 88 на 86, додека бројот на лица на респиратори се спушти на 35. Уште 87 лица се наоѓале во умерена состојба, а останатите страдале од благи или биле без никакви симптоми.

Во последните неколку недели се забележува пресврт во многу од придобивките остварени во борбата против корона вирусот во последните месеци. Новите дневни случаи на вируси, кои паднаа на ниски двојни цифри во текот на поголемиот дел од мај, се искачија на над илјада на ден, а бројот на активни случаи достигна на рекордно високо ниво на повеќе од 12.300.

Тековното зголемување на неделните инфекции во Израел е едно од највисоките во светот. Критикувајќи ги надлежните органи за справување со тековните избувнувања и опишувајќи хаотичен и неефикасен пристап за справување со кризата, директорката за јавно здравје во Министерството за здравство ја објави својата оставка порано во вторникот.

Во долгата објава на нејзината страница на Фејсбук, проф. Зигал Садецки предупреди дека „Израел се упатува кон опасно место“.

„За жал, веќе неколку недели, справувањето со појавата го изгуби правецот“, напиша таа. „И покрај систематското и редовно предупредување во различните системи и дискусиите на различни форуми, ние гледаме со фрустрација дека одговорот е слаб. Наспроти ова, заклучив дека во новосоздадените услови под кои не се прифаќа моето професионално мислење – не можам повеќе да помогнам ефикасно за справување со ширењето на вирусот“.

Владата во понеделникот донесе пакет ограничувања за да го задржи новото избувнување, вклучително и ограничување на рестораните и синагогите, намалување на бројот на патници на јавниот превоз, казни за неносење маски за лице и затворање на салите за настани, културни места, базени, спортски сали, барови и ноќни клубови.

Израел е „чекор подалеку од целосно заклучување“, изјави премиерот Бенјамин Нетанјаху пред членовите на кабинетот пред специјалниот состанок. И покрај тоа што не ја затворија земјата, како на почетокот на оваа година, новите мерки се значаен чекор назад од повторното отворање на економијата во мај. (Тајмс оф Израел)