Бројот на новозаразени со Ковид-19 под 100, на хоспитализирани под илјада

После подолг временски период вчера бројот на новозаразени со Ковид-19 е под 100. Министерството за здравство вчера соопшти дека во последните 24 часа се направени 700 тестирања, а регистрирани се 83 нови случаи на Ковид-19. Починати се 11 лица, а 419 оздравеа.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 81 804, на оздравени 59 650, а на починати 2 456. Бројот на активни случаи изнесува 19 698. Досега направени се вкупно 394 329 тестирања на Ковид-19.

Во ковид центрите во болниците низ земјава се лекуваат 598 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот, а заедно со хоспитализираните на инфективните оддели во главниот град, вкупниот број е 984. Слободни се околу 320 болнички кревети за ковид пациенти. Вкупно 433 пациенти потврдени и сомнителни на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град, а голем дел од нив се на кислородна поддршка.

Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид-одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Премиерот Зоран Заев вчера од Тетово посочи дека се обезбедени пари за ковид поддршка и во 2021 година. Во буџетот, како што информира, се резервирани веќе во ковид програми, а има дополнителни средства и во одделни ресори. Според него се ќе зависи од доаѓањето на вакцината, која се очекува во јануари по побрзи патишта од оние од Ковакс системот најавени за март..

– Државата има веќе резервирано 50 милиони евра за ковид-програма за 2021. Дополнително 17 милиони се за плати. Во самите ресори имаме 30 милиони. Во Министерството за труд и социјална политика, за ранливи семејства, но и другите минситерства имаат вакви резервации. И се надеваме дека нема да бидат сите 12 месеци, а ќе бидат еден, два, три, зависи од вакцината. Ако јануари дојде вакцината, а очекуваме да дојде по побрзите патишта, оти од Ковакс системот велат март, ама имаме и побрзи патишта, посочи вчера Заев.

Додаде дека доколку кризата трае подолго ќе направат ребаланс на буџетот и ќе обезбедат пари.

– Кои мерки ќе бидат во петтиот пакет зависи од работниците, синдикатите, коморите и сите други учесници во овој процес со кои од почеток заедно ги дефинираме пакетите на економски мерки, изјави премиерот Заев.

Тој вчера посочи оти имаат целосна доверба во Институтот за јавно здравје и во сите здравствени институции.

– Јавните институции се професионални, сега се мотивирани и лекарите и здравствените работници комплетно, тие покажаа херојство за кое со децении ќе зборуваме. Драго ми е што ги наградивме, стимулација што работеа повеќе од нас овој период, но не можам да не се заблагодарам на Инспекцијата, на Полицијата, Армијата, инспекторите кои секој ден се на терен повеќе од 12 часа во просек, на Црвениот крст, на Противпожарните служби, на сите Управни служби кои работат, и за нивниот фокус за време на новогодишната ноќ и сите празници кои ќе ги работат, рече Заев.

Тој појасни дека на овие служби им обезбедиле подобри услови, но им имаат дадено и дополнителни надлежности како што се затворањето и кривичните пријави. Според него,, со својата упорност и херојството тие го чуваат здравјето и народот преку тие контроли.

– Ако пред месец дена имавме фактор на проширување на заразата еден и пол, пред две недели беше 1,05, минатата недела беше 0,92, а сега е 0,8. Ова докажува дека контролите даваат резултати и ќе даваат ако избегнеме трет пик, а тоа е можнно да се случи на празниците. Да си носиме маски, да ги почитуваме мерките, да си седиме дома и да празнуваме одговорно, порача премиерот Заев.

Европската комисија вчера усвои пакет од 70 милиони евра во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА 2), како поддршка за пристап на партнерите од Западен Балкан до вакцини против Ковид-19, кои ги набавиле земјите членки на ЕУ. Пакетот, како што најави Комисијата, ќе биде исплатен во облик на грантови, кои ќе помогнат да се покријат трошоците за вакцини за приоритетните групи во регионот, како и неопходна опрема за вакцинација. Тоа ќе им помогне на земјите од Западен Балкан да купат одреден број вакцини преку Договорот за набавка на ЕУ со шест производители, со тоа што одделни земји членки на Унијата ќе го поделат делот од своите однапред добиени дози.

Брисел објаснува дека преку меѓународната иницијатива КОВАКС, за која земјите од Западен Балкан се пријавија, испораката на вакцини ќе почне подоцна од кампањата за вакцинирање во ЕУ, но Унијата „ќе го пополни тој јаз“, така што на регионот ќе му овозможи пристап до одреден број дози од своите купопродажни договори.

Владата на Северна Македонија вчера го поздрави усвојување на овој пакет.

– ЕУ е нашиот најважен и најблизок пријател во сите фази на пандемијата. Ја поздравуваме одлуката да се обезбедат 70 милиони евра за да се покрие трошокот за вакцини за приоритетните групи, како и опрема потребна за да се изврши вакцинацијата. Имајќи предвид дека вакцинирањето во земјите членки започна викендов, ќе следат засилени напори и координирање што треба да овозможат итен пристап до вакцини за Западниот Балкан како клучен исчекор кон завршување на пандемијата, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.