Бројот на неважечки ливчиња е помал отколку на претседателските избори во 2019


Фото: Б. Грданоски

Бројката на неважечки ливчиња не е причина за поразот на ВМРО-ДПМНЕ, ниту за тесната победа на СДСМ. Причините се други

 

Оној што изгубил има право и на некоја солза, па макар и не се гледала. Така, денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција со единствена намена колку да се биде во контакт со јавноста, рече дека партијата победила во 41 општина и дека имало „огромен број неважечки ливчиња“. И дека „голем број од тие ливчиња се гласови за ВМРО-ДПМНЕ, кои сега се сметаат за неважечки. Што значи, се поништува нивната волја“. Тој уште вели дека како партија ќе побарале рачно пребројување на гласовите.

За жал на Арсовски ова не се точни тврдења, туку тоа е само вообичаена „јужњачка утеха“. Бројката на неважечки ливчиња секогаш се движела во тие рамки. Само една споредба покажува дека бројката на неважечки ливчиња и не е толку голема. Така, на овие избори имаше излезност од 52 отсто, во бројки тоа значи дека гласале 943.750 граѓани. Од нив, неважечки ливчиња биле 31.564. На ланските претседателски избори во првиот круг излегоа 753.520 граѓани, или во проценти 41,67 отсто. Бројот на неважечки ливчиња беше 32.696. Што значи, за 1.132 повеќе од годинава. И тоа на многу помала излезност – 190 илјади помалку. Во проценти, ланските неважечки ливчиња биле 4,3 отсто, а годинава тој број е за еден процент помалку – 3,3. На изборите во 2016 процентот на неважечки ливчиња беше 3,17, речиси ист како годинава.

Резултатите од изборите беа шок за многумина – и во владејачкиот и во опозицискиот табор. И сосема е јасно дека бројката на неважечки ливчиња не го решила победникот. Многу поважен е гласот на оние што не дојдоа на избирачките места, кои решија да апстинираат дел поради корона кризата, а уште поголем поради незадоволството од политичката понуда. Тоа е поуката што треба да се извлече, а не партиите да се доведуваат во самозаблуда од скромната бројка на неважечките ливчиња. (Љ.П.)