Бројот на мртвите во Шпанија е како и претходните денови – 440 лица


Маж им додава торба со пијачки на своите соседи по дневниот аплауз за здравствените работници во Ронда, јужна Шпанија  (Фото: Ројтерс)

Мадрид – Дневното зголемување на смртните случаи од корона вирусот во Шпанија во четвртокот дополнително се зголеми на околу два отсто, откако 440 луѓе починаа во изминатите 24 часа, а владата се извини за забуната околу правилата за заклучување што се однесуваат на децата.

Со вториот најголем број смртни случаи во Европа од 22.157 лица и второ место според инфекциите во светот со 213.024 луѓе, Шпанија има некои од најтешките ограничувања во Европа и покрај тоа што постепено ги олеснува бидејќи епидемијата се забавува.

„Знам дека ова заклучување не е воопшто лесно“, рече вицепремиерот Пабло Иглесијас, потврдувајќи дека оние до 14 години ќе можат да одат на кратки прошетки надвор под надзор, откако речиси пет недели беа заглавени дома.

Сепак, ним нема да им биде дозволено да бидат во игралиштата во парковите.

„Сакам да се извинам затоа што во владата изминатите денови и часови не бевме јасни кога објаснивме како ќе добиете овластување да излезете од недела“, додаде тој.

Во вторникот вечерта, откако првично ги отфрли рекреативните прошетки за децата, владата попушти пред притисокот на јавноста – вклучително и протести со тенџериња на балконите – и дозволи кратки, надгледувани излети за прв пат во текот на повеќе од еден месец.

Во Каталонија, улиците, меѓу кои е познатиот булевар Ла Рамбла во Барселона, беа практично напуштени на денот на заштитникот на регионот, кога Каталонците обично ги полнат улиците со своите најблиски, разменуваат книги и рози.

Сепак, луѓето ги одржуваа традициите на Денот на свети Ѓорѓи со рози на балконите и споделување книги преку интернет.

Минатата недела Шпанија започна со олеснување на ограничувањата за некои бизниси, но рестораните, хотелите и јавните места остануваат затворени.

Хотелите забележаа пад од 66 отсто кај странските посетители во март, иако исклучувањето дојде доцна во месецот. Туризмот учествува со 12 отсто од бруто домашниот производ во втората најпосетувана земја во светот.

Лидерите на Европската унија во четвртокот разговараа за начините за рестартирање на нивните економии, вклучително и шпанскиот предлог за фонд за закрепнување од 1,5 билион евра. (Ројтерс)