Бројот на мртви од корона во Шпанија надмина 1.300


Фото: Б. Грданоски

Шпанија објави дека има 32 отсто зголемување во нови смртни случаи од корона вирусот, со што земјата има вкупно 1.326 жртви, што е втора највисока стапка во Европа по Италија.

Бројот на зарази во целата земја исто така се искачи на 24.926, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Главниот град Мадрид останува најтешко погодениот во земјата, според извештајот што го објави министерството.

Шпанија издаде наредби за заклучување за околу 46 милиони луѓе на кои им е дозволено само да ги напуштат своите домови за основни работи, купување храна, медицински причини или да го шетаат кучето.

Вчера 2.640 војници ги дезинфицираа главните аеродроми и пристаништата во земјата, заедно со пензионерските домови и затворите.

Во четвртокот полицијата уапси 55 лица затоа што не го почитувале заклучувањето што беше наредено за време на викендот.

Шефот на националната полиција Хозе Ангел Гонзалез изјави дека има „растечки тренд“ во бројот на лица што не сакаат да останат дома и предупреди дека полицијата ќе има политика на „нулта толеранција“.

Во соседна Португалија, властите објавија денеска дека бројот на загинати во земјата се зголемил за двојно, на 12 во текот на ноќта и бројот на случаи се искачил на 1.280 од 1.059.

Во меѓувреме, во Швајцарија случаите на коронавирус се зголемија за 25 отсто на 6.100, а смртните случаи се искачија на 56 во изминатите 24 часа, соопшти швајцарското Министерство за здравство. (РТЕ)