Бројот на инфицирани 23, починати 4, а оздравени 111 лица


Фото: Б. Грданоски

Бројот на нови пациенти со инфекции на Ковид-19 се одржува на бројката од претходните денови, но починатите не се намалуваат. Денешниот биланс, според соопштението на Министерството за здравство, е: потврдени се 23 нови случаи од 386 тестирања; починале четворица, а издравени се 111 пациенти. Министерството за здравство информира дека денеска Институтот за јавно здравје регистрира 111 оздравени пациенти во: Скопје – 13, Куманово – 74, Штип – 1, Прилеп – 18, Битола – 1, Охрид – 1, Крива Паланка – 1, Пробиштип – 1 и Демир Хисар – 1. Вкупната бројка на починати изнесува 77 лица

На Клиниката за инфективни болести почина пациент од Скопје на возраст од 62 години, а во ГОБ „8 Септември“ почина пациентка од Гостивар на 59 години.

Во денешниот извештај на Институтот се евидентирани и две починати лица од околината на Куманово, на возраст од 72 и 79 години, пациентка која се лекувала во домашни услови и пациентка која се лекувала на инфективното одделение во болницата во Куманово.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се примени 2 нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 49. На кислородна поддршка се 28, а на механичка вентилација се 2 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 5 нови, а вкупно хоспитализирани се 24 пациенти. На респираторна машина се 4 пациенти, а уште 3 се со потешка клиничка слика.