Бројот на активни случаи намален на 6.000, вчера позитивни 11,6 отсто од тестираните


Фото: Б. Грданоски

Во текот на претходното деноноќие беа регистрирани нови 355 случаи на коронавирусот од направени 3.042 тестирања или 11,6 отсто, што е во рамките на просекот за време на викенд-деновите. Беа пријавени вкупно 15 починати лица, девет во претходните 24 часа и шест преку системот „Мој Термин“.

Евидентирани беа 2.308 оздравени пациенти, од кои 329 во претходното деноноќие, додека останатите 1.980 оздравени се административно затворени случаи од периодот 16.09 – 31.10.2021, информира Министерството за здравство. Со тоа, бројот на активни случаи од околу 8.000 падна на 6.000.

Досега во земјата се направени вкупно 1.481.925 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 217.025, бројот на оздравени пациенти е 203.325, на починати е 7.631, а бројот на активни случаи е 6.069.

Најмногу активни има во Скопје и тоа 2.821, следи Битола со 553, Прилеп – 336, Кавадарци – 247, Охрид – 222, Куманово – 210. Во другите градови има под 200 активни случаи.

Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.

Според статистиката за период од 6 август до 2 декември, од 60.772 заразени граѓани, 69 отсто од не биле вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Дури 79 отсто од починатите не биле вакцинирани, а 21 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Засега нема да се применува мерката задолжителна вакцинација или негативен ПЦР-тест во јавниот сектор, како што предложи Комисијата за заразни болести. Стимулацијата за вакцинација ќе се врши преку матичните лекари, кои ќе добијат финансиски бонус ако постигнат 70 отсто од вакцинацијата на своите прикрепени пациенти.

Според светската статистика, досега се заразиле над 265 милиони луѓе, починале повеќе од 5,2 милиони жители и оздравеле околу 240 милиони лица.

Вчера од Кембриџ, Масачусетс, пристигна веста дека новата варијанта на коронавирусот Омикрон најверојатно собрала најмалку една од нејзините многубројни мутации со тоа што презела парче од генетскиот материјал на друг вирус, најверојатно оној што предизвикува обична настинка, кој е присутен кај истите заразени клетки, велат истражувачите.

Според светските агенции, ова не е забележано во ниту една претходните варијанти на коронавирусот, но е присутно кај многу други вируси, вклучително и оние кои предизвикуваат настинки, како и во човечкиот геном, велат експертите.

– Омикрон со преземањето на новиот „код“, се прави себеси „почовечки“, што може да му помогне да го избегне имунолошкиот систем“, рече Венки Саундарарајан, експерт во Nference, компанија за анализа на податоци со седиште во Кембриџ, Масачусетс. Саундарарајан го предводеше ова истражување објавено како „препринт“, што значи дека сè уште чека научна рецензија.

Откритието може да значи дека вирусот полесно се пренесува, но и дека предизвикува само блага или асимптоматска болест, што би било одлична вест за човештвото по речиси две години пандемија. Научниците сè уште не знаат дали Омикрон е позаразен од другите варијанти, дали предизвикува потешка форма на болеста или дали ќе ја надмине Делтата како најраспространета варијанта на коронавирусот.

Илјадници луѓе вчера протестираа во Виена против ограничувањата наметнати во различни сектори од јавниот живот, чија цел е да се спречи ширењето на Ковид-19.

Австриската Влада минатиот месец соочена со секојдневно зголемување на бројот на новозаразени, првата во Западна Европа повторно го воведе карантинот и најави задолжителни вакцини од февруари.

Во Хрватска, пак, се собираат потписи за референдум против ковид сертификатите. Собирањето потписи го организира десничарската партија Мост.