Бројот на административци намален од 165 на нешто под 140 илјади


фото: Б.Грданоски

Премиерот Зоран Заев во врска со огласите за вработување во државните институции денеска изјави дека бројот на административци е намален за повеќе од 25 илјади.

–  Секоја година, при крајот на годината има примање и трансформирање на работни односи воедначено. Крајот на годината е можност за сите што поминале осуммесечен, деветмесечен приправнички стаж да може да напредува, да добијат решенија за трајно вработување и слично, а крајот на годината исто така ги прави и буџетските баланси за сите оние што отишле во пензија. Нема нешто повеќе, нема нешто помалку од она што постоело во годините без разлика дали следуваат избори или не, се пополнуваат испразнети места. Знаете дека администрацијата од 165 илјади е намалена на нешто под 140 илјади. Продолжуваме со тој тренд заради тоа што севкупната рационализација и потребата во приватниот сектор е се поизразена и исклучиво веруваме дека е тоа добро за државата, изјави Заев.

Вчера министерот за администрација, Дамјан Манчевски рече дека огласи за нови вработувања се распишани и ќе продолжат да се распишуваат. Тој вели дека нема да се стопираат вработувањата заради изборите, бидејќи институциите имаат потреби.

Опозицијата обвини дека ваквите огласи на власта претставуваат предизборен поткуп на гласови.