Бројките на заразени вртоглаво растат, но стапката на смртност се намалува

Фото: Б. Грданоски

Стапката на смртност во Македонија се намали на 3,77 проценти. Така е и во регионот: забрзано растат инфекциите, но не и бројот на починати. Нема едноставно објаснување за тоа, освен можеби податоците дека Ковид-19 многу се шири меѓу бладите луѓе, а тие полесно ја поднесуваат болеста

 

Денешниви бројки на активно заболени од корона вирусот (3.996) и бројот на починати (800) изгледаат застрашувачки – сосем е јасно дека епидемијата тече со истата сила како пролетоска и дека здравствениот систем е на работ да пукне. Денес има 432 хоспитализирани лица во здравствените установи болни или суспектни на вирусот.

Она што е интересно е дека и покрај огромниот број на нови инфицирани стапката на смртноста се намалува. Според податоците на познатата американска веб-страница realclearpolitics, каде има исклучително детализирани податоци за Ковид-19 во светот, денешната стапка на смртност во Македонија во однос на потврдените случаи од корона изнесува 3,77 проценти. Тоа значи дека за триесетина дена таа стапка се намалила за околу два проценти. Подолго време таа стапка во Македонија изнесуваше меѓу 5,50-5,70, а еден кус период надмина и над 6 отсто.

Тоа значи дека без оглед на секојдневните смртни случаи (2,3,5 или 7) тие имаат помал удел во однос на новодијагностицираните.

Да нема забуна, истото се случува и кај нашите соседи, па и пошироко во Европа. Словенија последниве денови брои драматично зголемување на новите инфекции (денеска пријави 398 и четворица починати), но стапката на смртност, која едно време изнесуваше над 10 отсто сега е намалена на 1,87 проценти затоа што вкупно досега има потврдени 9.231 случај и 173 жртви. Стапката на смртност се намали и во Србија (2,19), во Хрватска (1,57), во Грција (2,00), во Босна и Херцеговина (3,04)… се чини дека единствено се зголемува во Бугарија (3,66).

Но не е само во регионов. Оние земји коишто пролетоска имаа стапки на смртност над 10 отсто (како Франција, Италија или Шпанија) сега таа се намалува. Бројот на починати е далеку помал од оние размери за време на првиот бран во март, април и мај. Така, во Франција стапката сега изнесува 4,41, во Италија се спушти на 9,92, во Шпанија на 3,59, а во Велика Британија на 6,78 проценти. Во Германија таа изнесува 2,92, а во Шведска 5,86 проценти. Единствената држава која сега има стапка на смртност над десет проценти е Мексико – 10,22 проценти (таму има регистрирано 83.945 починати).

Епидемиолозите уште не тврдат дека вирулентноста на вирусот се намалува, затоа што немаат вистински научни докази за тоа. Тие тоа повеќе го поврзуваат со начинот на којшто се шири вирусот – главно меѓу младите луѓе и тоа секаде во Европа. Тие потоа го пренесуваат во своите домови, а самите луѓе ја поминуваат болеста полесно.

Главниот проблем, не само во Македонија, сега е како болниците да ги примат сите заболени. Британските здравствени власти денеска изјавија дека бројот на хоспитализациите сега е поголем отколку за време на пролетниот бран, кога имаше огромен број жртви (таму денеска имаше 143 жртви, а вкупната бројка изнесува 43.018).

И македонските здравствени власти веќе десетина дена предупредуваат дека бројот на пациенти во болниците драматично се зголемува и е на получекор од целосно пополнување на капацитетите. Тоа, од своја страна, може да ја зголеми стапката на смртност, затоа што може да дојде до ситуација кога не ќе може на сите заболени да им се пружи стручна болничка нега. На страницата на realclearpolitics стои и податокот дека Македонија во 2017 година во СЗО пријавила 83 жртви од сезонскиот грип, па лесно може да се воочи огромната разлика во бројот на починати во однос на Ковид-19.

Барем засега, нема магичен куршум кој може да ја спречи болеста. Како што истакна еден наш лекар – најдобрата вакцина е почитувањето на мерките и социјалното дистанцирање. Изгледа дека граѓаните треба конечно да го сфатат тоа. (Љ.П.)