Бројката на ковид-позитивни во земјата прв пат надмина илјада, вчера рекорден број случаи и во други балкански земји


Фото: Б. Грданоски

Со 1085 лица ковид-позитивни во земјата бројката на заразени вчера првпат надмина 1000. Од новодијагностицираните случаи најмногу има во Скопје-447, во Струмица-80 и во Куманово-69.

Бројот на заболени бележи раст на целиот eвропски континент. Според податоците Ворлдметерс објавени вчера во Европа се регистрирани над 140 илјади нови случаи на коронавирус, со што бројот на позитивни на континентот изнесува  9 851 825. Како и во цела Европа и на Балканот се разгорува епидемијата на коронавирус и секојдневно се бележат нови црни рекорди.

Рекорден број заболени вчера забележани во Србија 1817 лица, во Бугарија 2891, во БиХ 1912, во Романија 6546, во Албанија 319. Во Хрватска вчера беа регистирани 2769 нови случаи, во Црна Гора 320, во Словенија 1796.

Министерството за здравство кај нас вчера информира и за 12 починати лица и 283  оздравени пациенти. Меѓу починатите најмладиот е на возраст од 27 години од Куманово, а највозрасниот е 87- годишен тетовец. Сите се починати во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 31572, бројката на оздравени пациенти е 20731, на починати е 994, а бројот на активни случаи изнесува 9847.
Според завршените епидемиолошки анализи во моментов по градови најмногу активни слуачи има во Скопје 4584, во Струмица 553, Тетово 547, Прилеп  494 и Куманово 439.
Од скопските општини, според информациите објвени од Министерството за здравство, по бројот на активни случаи најмногу има во Аеродром 788, Карпош со 682 и Гази Баба – 671. Следат Центар – 592, Кисела Вода – 588 и Ѓорче Петров со 388. Над сто активни случаи има и во општините Чаир – 233, Бутел – 227 и Илинден – 101
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 13 пациенти.  Вкупно се хоспитализирани 154 пациенти. На кислородна поддршка се 117 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се 7 позитивни и 2 суспектни деца на Ковид-19 и 11 возрасни пациенти, позитивни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ има 21 прием, а вкупно хоспитализирани се 76 пациенти. На респиратор се 3 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 66, а во болницата во Штип се 54 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија, Дебар, Кичево и Кавадарци се хоспитализирани 332 позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Од понеделник, заболените од Ковид-19 ќе се лекуваат и на постоечкото психијатриското одделение во Куманово, со што ќе се добијаат дополнителни  20-тина кревети за болните, потврди директорката на кумановската болница, Снежана Захариева и посочи дека се завршени техничките подготовки за преадаптација на одделението за психијатрија.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера обвинија дека власта предводена од СДСМ наместо конкретни мерки за справување со кризата носела измени во кои само предвидува казни, а и тие не ги спроведувала во целост, затоа што, наведуваат, на некои прекршители им се прогледуваше низ прсти.
Од владејачката СДСМ пак со став, дека е важно сите да ги почитуваме мерките за заштита на сопственото и на јавното здравје кои ги донесе парламентарното мнозинство во Собранието и стапија на сила, и покрај опструкциите и одолговлекувањето од ВМРО-ДПМНЕ кои се однесуваат неконструктивно и ги кочат, опструираат и критикуваат сите напори за справување со коронакризата.