Бројката на хоспитализирани пациенти падна под 300


Во ГОБ „8 Септември“ сега има хоспитализирани 22 лица (Фото: Б. Грданоски)

Иако денеска има 166 нови инфекции со Ковид-19 и натаму се намалува бројот на пациенти што се хоспитализираат во болниците низ Македонија. Денеска таа бројка по долго време падна под 300 и изнесува – 293. Вчера таа бројка беше 301. Меѓу нив најмногу се лицата кај кои е евидентиран Ковид-19, но некои пациенти се хоспитализирани поради тоа што се суспектни на вирусот.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 13 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, две позитивни деца, четири мајки и четири деца суспектни на вирусот.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 14 (вчера беа 11), а во болницата во Штип 48 пациенти (вчера беа 50). На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 107  позитивни и сомнителни на Ковид-19 (вчерашната бројка изнесуваше 110).

Притисокот врз болниците се намалува и затоа што постојано е голем и бројот на оздравени лица (денеска 224), без оглед што бројката на новоинфицирани и натаму е голема. Вчера имаше 216 оздравени и 145 заразени.

Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 14.762, бројката на оздравени пациенти е 11.965, има 606 починати, а бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.191. (Н.В.)