Бродвеј се угаси поради короната

САД- Американската сојузна држава Њујорк ги забранува собирите со повеќе од 500 луѓе и посети на театри, музеи и концерти во градот Њујорк, во обид да се запре ширењето на новиот коронавирус во државата. Забраната дојде откако други културни институции како музејот Метрополитен, операта Метрополитен и концертната сала Карнеги, објавија дека се затворени за посетители и изведби.

Според „Њујорк тајмс“, на Бродвеј има вкупно 41 театарска институција, сите имаат сали со најмалку 500 седишта, а голем дел од нив се со над 1,000 седишта. Рестрикциите ќе нанесат економска штетат на градот, бидејќи театрите, музеите и концертните шоуа генерираат голем дел од туристичките приходи на градот. Според весникот, оваа индустрија лани привлекла 14.8 милиони посетители, а приходот бил 1.8 милијарди долари.

Во меѓувреме, низ целата држава се забрануваат собири на групи поголеми од 500 луѓе, се затвораат универзитети, библиотеки и училишта. Рестрикции има и за помали објекти. На пример кај оние со капацитет од 500 луѓе организаторите треба да исполнат само половина од вкупно дозволениот капацитет.

Гувернерот на Њу Џерси, Филип Марфи, пак повика сите јавни собири поголеми од 250 луѓе, како концерти, спортски настани и парадаи да бидат откажани низ целата држава.

Во Њујорк, досега се регитрирани 328 случаи на коронавирус, од кои 112 само во изминатото деноноќие.