Бродарите на Охридското Езеро добија „корона протокол„

Претставници на Езерската полиција, на Капетанија на пристаништа и на Државниот пазарен инспекторат синоќа остварија средба со сопствениците на бродови на Охридското Езеро, со цел да им се укаже на обврските за доследно почитување на одлуките и протоколите за работа на пловните објекти и примена на безбедносно-здравствените мерки за заштита на граѓаните од КОВИД-19.

На сопствениците и капетаните на бродови им е укажана неопходноста од строго придржување до забраната за групирање лица, примање патници без заштитни средства, како и за користење дезинфекциски средства во пловните објекти, независно дели истите се закотвени на пристаништето или се во движење во водите на Охридското Езеро.

Претставници од Одделението за превенција од СВР – Охрид укажаа и на потребата од воведување на редарска служба што ќе се грижи за безбедноста при влез и за време на престојот на патници во бродот, како и редовно информирање преку разглас на патниците за неопходноста од придржување до препораките за носење на заштитна маска и држење на растојание за време на пловидбата.

На бродарите им беа презентирани протоколите за работа во делот за работа на угостителска дејност, со посебен акцент за гласна музика и им беше укажано за неопходната примена на мерките за безбедна пловидба и на другите одредби од Законот за внатрешна пловидба.

Претставниците на СВР Охрид и на другите надлежни институции најавија континуирани  контроли на сите пловни објекти кои се прикотвени или пловат по Охридското Езеро.

Изминатите денови се вршеше превоз на патници на бродови на Охридскот Езеро, без да се почитуваат правилата за спречување на ширење на коронавирусот, односно се примаа патници без маски и без почитување на Протоколите за заштита донесени од Комисијата за заразни болести.