Брнз: Од новата влада очекувам продолжување на соработката на евроатлантскиот пат


Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз очекува да продолжи соработката со новата влада штом ќе биде формирана во однос на евроатлантскиот пат на земјата, како и справување со пандемијата од Ковид 19 која претставува глобален предизвик.

-Партнерството меѓу САД и Северна Македонија е исклучително важно и исклучително силно и ние се радуваме на соработката со следната влада што треба да се формира. Да продолжиме со важната агенда која ја имаме за евроатлантска интеграција и силна соработка  меѓу двете земји, како и во борбата против пандемијата која претставува глобален предизвик, изјави Брнз, одговарајќи на прашањето на МИА за очекувањата од новата влада, што треба да се формира согласно постигнатиот договор на СДСМ и ДУИ.

Амбасадорката Брнз изјавата ја даде по посетата на лабораториите на Институтот за јавно здравје каде беше придржувана од министерот за здравство, Венко Филипче.

Реновирањето на лабораториите е овозможено со проект на Европската команда на САД, вреден 550.000  долари.