Брнз кај Ковачевски: Енергетските проекти приоритет за двете земји


Кејт Брнз му рекла на премиерот Ковачевски дека добрите односи меѓу македонија и Бугарија се од исклучително значење за САД

 

Американската амбасадорка Кејт Брнз денеска на средба со премиерот Димитар Ковачевски му го честитала изборот и му рекла дека Македонија е во во врвот на приоритетите на меѓународната политика на САД. Ковачевски и Брнз разговарале за продолжување на економската соработка „со посебен акцент на поттикнување на проекти и инвестиции кои ќе овозможат трајна и одржлива енергетска независност на Северна Македонија“, како што соопшти владината прес-служба.

„На средбата беше истакнато дека за Вашингтон Северна Македонија и регионот остануваат важен геостратешки интерес и во таа насока од клучна важност за САД е деблокирање на евроинтеграцискиот процес за земјата и одржување на првата меѓувладина конференција со Брисел и отворањето на првите поглавја во процесот за членство во ЕУ“, стои во соопштението.

Ковачевски нагласил дека најавената официјална посета на премиерот на Бугарија, Кирил Петков, е добра порака која најавува сериозен исчекор за отворените прашања меѓу двете земји и за изнаоѓање решенија прифатливи за двете страни.

Според Брнз, добрите односи меѓу Македонија и Бугарија се од исклучителна важност за САД и затоа треба брзо решавање на проблемот меѓу двете земји.