Брнабиќ: Во Србија нема да има преврат и анархија


Протестот пред српскиот Парламент заврши синоќа со протерување на демонстрантите од централните улици на Белград. Полицијата употреби солзавец на неколку локации во градот, а демонстрантите фрлиле факли врз неа.

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ рече дека протестите се обид да се преземе власта без волјата на народот, без учество во власта.Тој наведе дека полицајците мирно и воздржано се однесувала се се додека не биле загрозени нивните животи. Сепак на социјалните мрежи се појавија снимки како се тепаат демонстранти што не даваат отпор.

– Беа нападнати се се и сешто, па и со лопати, молотови коктели, наведе Стефановиќ, додавајќи дека се повредени 10 полицајци. Тој наведе дека протестот никој не го пријавил, поради што е незаконски.

Српската премиерка Ана Брнабиќ  изјави дека ова се најнасилните протести досега во земјата, но дека во Србија нема да има насилен преврат и анархија.

– Кризниот штаб утре ќе се состане и ние ќе продолжиме да се бориме против коронавирусот и да ги спасиме здравствените работници и здравјето на луѓето, и ќе победиме, рече Брнабиќ за ТВ Пинк, повикувајќи ги граѓаните да бидат дисциплинирани.

Таа посочи дека се се прави и дека полициски час се уште не е воведен, но дека мора да се борат за здравјето на луѓето и да балансираат заради зачувување на економијата.

Претседателот на српската Народна партија, Вук Јеремиќ, вечерва ја обвини Владата дека на протестите испраќа хулигани за да прават нереди и да предизвикаат судири.

„Испрати хулигани да создадат хаос и да предизвикаат судири меѓу луѓето. Тој сака да не натера да се мразиме едни со други“, напиша Јеремиќ на Твитер.

Српскиот министер за одбрана Александар Вулин во вечерашното телефонско вклучување за ТВ Пинк изјави дека „насилните протести во Белград имаат една цел, а тоа е државен удар и земјата мора да одговори на соодветен начин“, порачувајќи дека силата на законот мора да го спречи насилството.

Тој истакна дека ова што се случува вечерва во Белград, Нови Сад и другите градови во Србија, како и тоа што се случуваше вчера, е обид за предизвикување граѓанска војна.

Освен во Белград,  на протести се собраа и граѓаните на Ниш, Крагуевац и Нови Сад.Повеќе десетици граѓани на Ниш го блокираа сообраќајот, а пристигнувањето на полицијата беше пречекано со свирежи и извици „кучиња, кучиња“. На демонстрантите им се приклучила и голема група млади луѓе.

На платото пред Градското собрание на Крагуевац, исто така,  се собраа незадоволни граѓани од постапките на власта во Србија.

Граѓански протест поради најавите за воведување полициски час  во Нови Сад се случи мал инцидент меѓу претставници на различни идеологии, околу тоа кој ќе одржи говор. Десничарски ориентирани демонстранти пристигнале со знамето на Косово, додека „левичарите“ носеле транспарент „Кој тебе со пендрек, ти нему со револуција“.

Демонстрантите во Нови Сад со камења ги искршија прозорците на Градската куќа, а претходно ја уништија влезната врата на зградата на РТ Војводина, при што едно лице беше повредено.Претходно нападнале и неколку полицајци. Демонстрантите бараат оставка на Кризниот штаб и конечно да се каже вистината за епидемијата која ја зафатила земјата.