Брнабиќ: Србија ги исполни условите на СЗО за укинување на вонредната состојба


Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека се создадени сите услови за укинување на вонредната состојба воведена во Србија поради пандемијата на новиот корона вирус и порача дека таа не треба да трае „ ниту еден ден подолго од потребното“.

Брнабиќ на седница на Парламентот, на која треба да се усвои предлогот на Владата за укинување на вонредната состојба, истакна дека во Србија повеќе од седум дена има помалку од пет отсто заразени лица со Ковид-19, што е најважниот услов за укинување на вонредната состојба.

Според неа, препораката на Светската здравствена организација (СЗО) е мерките да бидат постепено олеснети кога ќе се исполнат шест услови кои се доставени до Министерството за здравство.

– Доказите покажуваат дека пренесувањето на Ковид-19 е контролирано, што ние го исполнивме повеќе од седум дена. Под два, здравствените системи имаат доволен капацитет да ги идентификуваат, изолираат, тестираат и лекуваат сите случаи, како и да ги следат и да ги сместат сите контакти во карантин, што за среќа е случај во Србија од првиот ден и тоа не е сменето, наведе Брнабиќ.

Таа додаде дека условите на СЗО биле „ризиците од епидемијата да се сведат на минимум во околините со голема ранливост“, да се применуваат превентивни мерки на работните места, како и управувањето со ризикот од увоз или извоз на заразата од заедници со висок ризик.

Брнабиќ потенцира дека последниот услов е локалните заедници да учествуваат во транзицијата кон поблаги мерки.

Таа оцени дека се исполнети трите основни услови и додаде дека одговорност е на Владата да предложи укинување на вонредната состојба.