Брнабиќ: Разговорите во Берлин не се замена за Бриселскиот дијалог


Разговорите во Берлин на Белград и Приштина и најавените разговори во Париз на 1 и 2 јули, во присуство на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Маркон, не се замена за Бриселскиот дијалог, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ.

Брнабиќ синоќа за ТВ Прва кажа дека по состанокот во Берлин, следен договорен состанок е во Париз, имајќи предвид дека немало конкретни резултати, а за да се постигне враќање на преговорите во Брисел.

-Имајќи предвид дека немаше конкретни резултати во смисла на придвижување кон враќањето на преговарачката маса во Брисел, ни беше дадена можност повторно да се обидеме во Париз и да си дадеме малку време, рече Брнабиќ.

Таа оцени дека е апсолутно важно учеството и интересот на Германија и Франција за преговорите помеѓу Белград и Приштина, додавајќи дека тоа би можело да придонесе за продолжување на дијалогот.

-Мислам дека тоа е добра работа и може да придонесе, во одреден момент да седнеме и да го продолжиме дијалогот меѓу Белград и Приштина и во иднина да дојдеме и до компромис кој ќе значи нормализација на односите и што ќе го ослободи целокупниот потенцијал на овој регион кој го има многу и би се обезбедила поинаква иднина за младата генерација, рече Брнабиќ.

Таа рече дека на средбата е разговарано и за Заедницата на српските општините и за таксите, но дека Приштина не сакала да ја повлече одлуката за таксите на стоки од Србија и Босна и Херцеговина.

Според Брнабиќ, Србија ја зајакнала својата позиција во Берлин, на сигурен, искрен и сериозен партнер.

Таа, исто така, изјави дека на Ангела Меркел ина Емануел Макрон им е јасно дека таксите се антицивилизацијски чин и се во спротивност со ЦЕФТА и со Договорот за стабилизација и асоцијација, чиј потписник е и Приштина.

Коментирајќи ги изјавите на албанските политичари дека нема договор без САД, Брнабиќ рече дека Меркел ја забележала изјавата на Хашим Тачи дека САД ќе мора да се вклучат во дијалогот, бидејќи Европа е „неспособна”.

Таа додаде дека Белград не се согласува со ова барање, и смета дека ЕУ е способна, дека има интерес, можности и сили да влијае на продолжување на дијалогот и доаѓање до решение кое ќе донесе стабилизација.