Брнабиќ и Пендаровски: Односите меѓу двете земји се многу добри


Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, е во официјална посета на Република Србија, а по средбата со претседателот Александар Вучиќ, се сретна и со премиерката на нашиот северен сосед, Ана Брнабиќ.

Брнабиќ и Пендаровски се согласни дека односите меѓу Србија и Северна Македонија се многу добри, соопштија од прес-службата на српската влада.

Како што е наведено, двете земји се определени за понатамошно засилување на севкупната соработка, особено економската.

Оценија дека иницијативата за формирање на „мал Шенген“ е од големо значење за понатамошно засилување на соработката во регионот на Западен Балкан.

И претседателката на српското Собрание Маја Гојковиќ се сретна со Пендаровски.

Гојковиќ и Пендаровски нагласија дека двете земји се насочени кон развој на добрососедските односи и укажаа на значењето на парламентарната соработка.

Во соопштението на српското Собрание се напоменува дека Гојковиќ и Пендаровски разговарале за актуелните прашања во рамките на процесите за евроинтеграција.

Гојковиќ истакна дека досегашната меѓупарламентарна соработка е добра, благодарение на редовните средби, додаде дека има простор за дополнително засилување на соработката и се заблагодари на учеството на делегацијата од македонското Собрание на 141. заседание на Интерпарламентарната унија во Белград.

Гојковиќ и Пендаровски го поздравија растот на трговска размена и укажаа дека постојат можности за дополнителен развој и унапредување како на трговската, така и на останатите видови економски соработки, особено кога станува збор за инфраструктурното поврзување на регионот.