Брнабиќ ги повика Србите да не одат во Црна Гора

Премиерот на Србија, Ана Брнабиќ, изјави синоќа дека Белград нема да воведе реципрочни мерки по одлуката на Црна Гора да не ја отвори границата за српските граѓани, и оцени дека тие не треба да одат таму каде што се непожелни.

Брнабиќ изјави дека Србија нема да ја затвори границата за црногорските граѓани, но дека таа ќе биде затворена за црногорските мафијаши и криминални кланови.

– Ние нема да ги спречиме обичните црногорски граѓани да ја посетуваат Србија, но сакаме уште посилно да ги спречиме на влез криминалците и мафијашките кланови од Црна Гора, кои со децении убиваа во Србија и ги тероризираа нашите граѓани, рече Брнабиќ.

Таа оцени дека „вистинската причина“ за одлуката на Црна Гора да отвори граници за голем број земји, а не за Србија, не лежи во епидемијата на коронавирус и бројот на заразени лица.

Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, изјави вчера дека државата ќе ги отвори своите граници во првите денови од јуни за оние земји што ќе ги исполнат епидемиолошките критериуми на Институтот за јавно здравје, односно во кои бројот на заразени со вирус е 25 на 100.000 жители.

– Првите земји се Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Унгарија, Албанија, Грција, рече Марковиќ.

Во моментов бројот на активни случаи во Македонија изнесува вкпно 447, така што Македонија би требало да биде во групата на земји за кои нема да има забрана за влез во Црна Гора, бидејќи бројот на заразени на 100.000 жители е околу 23 лица.