Брнабиќ: ЕУ и самата треба да го почитува владеењето на правото

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска ја повика Европската унија да го почитува владеењето на правото, на кое толку многу инсистира, бидејќи Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Приштина предвидува механизми во случај некој да ја прекрши, како што властите во Приштина прават со таксите за стока од централна Србија и Босна и Херцеговина.

По примањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија во преговорите со ЕУ, Брнабиќ на прес-конференција рече дека е загрижена за ситуацијата во Косово, се почестите инциденти, како и недостигот на конкретни реакции на ЕУ за се што се случува.

Таа додаде дека е загрижена и поради немањето реакција за вчерашните инциденти и поради тоа што Приштина од ноември, со воведувањето такси, не само што ја крши ЦЕФТА Спогодбата, туку и Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ.

Српската премиерка истакна дека „Европската унија доколку е за владеење на правото, на кое толку многу инсистира, тогаш треба да инстистира и за владеење на правото кога и тие се во прашање“.