Британскиот Врховен суд ќе одлучува за суспензијата на Парламентот


Британскиот Врховен суд денеска ќе одлучува за тоа дали одлуката на премиерот Борис Џонсон за суспензија на Парламентот е незаконска.Таква одлука може да значи порано свикување на Парламентот што ќе им даде време на пратениците да ги опструираат плановите на Џонсон за брегзит.

На 28 август, Џонсон ја советуваше кралицата Елизабета Втора да ја суспендира работата на Парламентот, што неговите противници го оценија како потег со кој би се спречило да биде блокирана неговата намера да ја изнесе земјата од ЕУ на 31 октомври, со или без договор.

Сепак, Џонсон рече дека целта на суспензијата е да му се даде време да донесе нова законодавна агенда за Брегзит.

Врховниот суд одржа тридневно сослушување за случајот минатата недела. Според британски медиуми, Парламентот најверојатно ќе биде суспендиран до 14 октомври како што е планирано, иако мнозинство пратеници се одлучни да запрат т.н. брегзит без договор тврдејќи дека тоа ќе нанесе голема економска штета за државата.