Британскиот сој на вирусот „удри“ по семејните кластери во Прилеп и Кривогаштани


Новозаболените во епидемиолошките анкети велат дека кажуваат дека не се придржувале до здравствените протоколи, дека оделе по слави и родендени, се дружеле по ручеци и вечери

 

БИТОЛА – Се потврди дека во Прилеп доминира британскиот сој на Ковид-19, кој е присутен од јануари годинава, вели епидемиологот Татјана МургоскаСтанимировиќ од Центарот за јавно здравје во Прилеп. Дури 50 проценти од земените брисеви од заразените покажеле дека се од новиот британски сој на вирусот, кој според епидемиологот најсилно удри по семејните кластери.

„Во Прилеп доминира британскиот сој и се очекува во следниот период да биде уште подоминантен и да го истисни стариот и првичен сој на Ковид-19. Веќе имаме цврсти докази колку брзо се шири овој сој на вирусот. До минатата недела имавме 198 случаи; бројката во изминатите денови се искачи на 269 случаи, значи за една недела имавме нови 71 случаи од британски сој. Очекуваме бројот на заболени и натаму да расте, можеби не во бројки како што беше во октомври и ноември, но ќе има пораст на заболените“, вели Мургоска-Станимировиќ. 

Од минатиот понеделник до денес во Прилеп се регистрирани 284 новозаразени од Ковид-19, починати се 14 лица, а оздравеле 108. Така, вкупниот број на заболени се искачи на 5.116, а во моментов болеста  е активна кај  473 пациенти. Во Ковид-центарот во Прилеп се лекуваат 54 пациенти.

„Како што расте бројот на заразени така се зголемува и бројот на хоспитализирани и починати. Бројката на починати од пет пациенти во еден ден е бројка што подразбира починати во двата дена од викендот, но факт е дека имаме секој ден починати. Некои од нив биле хоспитализирани по две три недели, а некои умираат и за два дена по хоспитализацијата, затоа што доцна се јавиле на лекар, тоа што доцна бараат лекарска помош и хоспитализација сѐ уште е голем проблем за нас“, вели епидемиологот. 

Симптомите кај заразените се исти како и од претходниот сој на корона вирусот само што овој се шири многу побрзо што епидемиолозите го потврдуваат со фактот дека ако еден член од семејството заболи тогаш заразата се пренесува на сите останати и се шири понатаму кај контактите. Така најпогодени во моментов се Прилеп и помалата соседна општина Кривогаштани.

Прилепчани во епидемиолошките анкети отворено кажуваат дека не се придржуваат до здравствените протоколи, дека одат по слави и родендени, се дружат по ручеци и вечери и со тоа помладите ги заразуваат и повозрасните.

„Новозаразените се од сите возрасти, но доминираат помладите и се работи за фамилијарни кластери. Ова е доказ дека вирусот од британскиот сој се шири многу побрзо од претходниот. Ако еден член во фамилија е позитивен сите останати се заразени. Имаме болни и во градот и по селата. Во работните организации во моментов немаме кластер, само во семејства. Заболените кажуваат дека слават родендени, прават семејни собирања, групирање, одат по кафетерии и кафеани. Ни велат – бевме на ручек кај моите, и така го шират вирусот и кај постарите“, вели епидемиологот Мургоска-Станимировиќ. 

До вчера во Болницата во Прилеп беа хоспитализирани 54 пациенти, од кои повеќето се со потешка клиничка слика заради веќе претходно стекнатите коморбидитети.

Покрај во Инфективното и Ковид центарот во одделението за уво нос и грло од денеска се отвори и Ковид-центарот во Интерното одделение бидејќи модуларната болница во Прилеп сѐ уште се гради. (А.Б.)