Британскиот Парламент продолжи со работа


Пратениците во Парламентот на Велика Британија денеска продолжија со работа откако премиерот Борис Џонсон го суспендираше Парламентот на 10 септември.

Парламентот ја продолжи работата по пресудата на Врховниот суд дека суспендирањето на работата на највисокото законодавно тело е нелегално.

Џонсон, кој го скрати престојот во Њујорк во ОН и се врати во Лондон, ќе се обрати пред пратениците во текот на денот, а неговата портпаролка вели дека повторно ќе зборува за одлуката на Врховниот суд.

– Премиерот не можеше да биде појасен во последните неколку недели дека нема да бара продолжување на рокот за излез од ЕУ и е решен да го спроведе тоа до 31 октомври, рече таа.

Таа потсети дека Џонсон двапати повикал на нови избори, но Парламентот го одбил тоа.

Министерот за Брегзит, Мајкл Гов денеска изјави дека британската Влада со должна почит не се согласила со одлуката на Врховниот суд дека суспензијата на Парламентот е нелегална, но ќе ја почитува.