Британскиот парламент бара анализа на договорот за Брегзит


Комисијата за финансии при британскиот Парламент побара од Министерството за финансии да состави нова прогноза на трошоците за излез од ЕУ според новиот договор со Брисел.

Комисијата смета дека тоа е неопходно пред утрешното гласање за документот во законодавниот дом на Британија.

– Неприфатливо е што Комисијата не ја добила оваа информација од Министерството за финансии. Тоа наликува на обид да се избегне проверка, истакна вршителот на должност претседател на Комисијата, Кетрин Мекинел во писмото испратено до министерот за финансии Саџид Џавид.

Џавид вчера пред новинарите во Вашингтон изјави дека не планира да ја „освежи“ прогнозата за трошоците од Брегзит, која неговото Министерство последен пат ја објави во ноември 2018 година.