Британскиот министер за одбрана во посета на Исланд поради „сè поголемите руски закани“
Лондон– Британскиот министер за одбрана, Ден Џарвис, престојуваше во посета на Исланд во услови на „сè поголеми руски закани“, во момент кога НАТО за првпат спроведе операции за воздушна одбрана од европски носач на авиони.
Џарвис ги посети британските сили на командниот брод на Кралската морнарица „ХМС Принцот од Велс“ (HMS Prince of Wales), кој е распореден во близина на Исланд под команда на НАТО, при што од неговата палуба за првпат беа извршени операции за воздушна одбрана на НАТО со авиони од типот „Ф-35“.
Министерството за одбрана соопшти дека посетата доаѓа во време кога „елитни британски војници за првпат ја преземаат командата со специјалните оперативни сили на Алијансата за брза реакција“, со цел „да им помогнат на сојузниците на НАТО во заштитата од сè поголемите руски закани“, пренесе ДПА.
Џарвис за „Ченл 4 Њуз“ (Channel 4 News) изјави: „Треба јасно да согледаме дека заканата од Русија постои во секој домен – под вода, на вода, на копно, на небото, во вселената, како и во сајбер-просторот“.
Говорејќи за одбранбените трошоци на земјите од НАТО, Џарвис истакна дека „дел од она што Американците го кажуваат во последно време е апсолутно точно“ и дека „Европа навистина мора да преземе повеќе одговорност“.
– Мораме да ги испочитуваме обврските што ги презедовме кон нашите сојузници во НАТО. Токму затоа, до 2035 година за одбрана ќе издвојуваме 3,5 отсто од БДП – додаде тој.
Џарвис изјави дека веројатниот следен премиер Енди Бурнам „ја разбира важноста на одбраната на нашата нација“ и ќе се погрижи „да ги имаме потребните ресурси за да ја зачуваме безбедноста на земјата“.
За време на посетата, министерот за одбрана беше придружуван од исландската министерка за надворешни работи, Торгердур Катрин Гунарсдотир.
Британското Министерство за одбрана посочи дека Исланд обезбедува „клучна поддршка за сојузничките сили кои дејствуваат од негова територија, при што оваа блиска соработка ја засилува безбедноста во Северен Атлантик“.
Повеќе од 1.500 припадници на британскиот персонал се распоредени во Северен Атлантик како дел од Ударната група на носачи на авиони (Carrier Strike Group – CSG), која ги опфаќа носачот „ХМС Принц од Велс“, разурнувачот од типот 45 „ХМС Данкан“ (HMS Duncan) и бродот „РФА Тајдспринг“ (RFA Tidespring).
Специјалните оперативни сили на Обединетото Кралство на 1 јули го презедоа раководството со Компонентата за специјални операции во рамките на Сојузничките сили за одговор (Allied Reaction Force – ARF) на НАТО. Од Министерството наведуваат дека овие сили се „ударната тупаница на ARF, способни да се распоредат било каде во светот во рок од неколку дена“.
„Живееме во сè поопасно и понеизвесно време, и токму ваквите распоредувања на сили, поддржани од сојузниците и партнерите вклучувајќи го и Исланд, го подобруваат нашето одвраќање и одбрана како дел од НАТО“, рече Џарвис. „Инвестираме 298 милијарди фунти (398 милијарди долари) во следните четири години за да ја зајакнеме подготвеноста и да осигуриме дека нашите луѓе ја имаат потребната опрема и технологија“.
Обединетото Кралство ја презеде и командата со поморската компонента на сојузничките сили за одговор (ARF), при што контраадмиралот Марк Андерсон и неговиот штаб веќе стапија на должност. Од Министерството за одбрана додаваат дека носачот „ХМС Кралица Елизабета“ (HMS Queen Elizabeth), кој неодамна заврши со ремонт во Росајт, Шкотска, се подготвува подоцна годинава да служи како пловечки штаб на овие сили.
– Посетата на британската Ударна група на носачи на авиони е јасна демонстрација на засиленото присуство на НАТО во овој стратешки важен регион, поддршка и придонес за кои Исланд е горд. НАТО продолжува да ги зајакнува своите капацитети за одвраќање и одбрана, покажувајќи сојузничко единство и одлучност во предизвикувачкиот амбиент на Северен Атлантик и Арктикот – изјави Гунарсдотир.
Повеќе од 1.000 припадници на британскиот персонал се распоредени низ командните центри на НАТО, додека Обединетото Кралство исто така раководи со Сојузничкиот корпус за брза реакција (Allied Rapid Reaction Corps – ARRC) од својот штаб во Глостершир, кој брои над 400 постојани членови од 20 сојузници на НАТО.