Британскиот крал Чарлс во посета на Кенија


Најроби– Британскиот крал Чарлс денеска ја почна четиридневната државна посета на Кенија, за време на која планира да ги признае „болните аспекти“ на нивната заедничка историја во речиси седум децении од колонијалната ера, додека кениската јавност очекува извинување за британските злоупотреби направени за тоа време.

Кралот Чарлс Трети во придружба на кралицата Камила синоќа пристигна во источниот дел на африканската земја, а денеска во главниот град Најроби беше примен од кенискиот претседател Вилијам Руто.

Бакингемската палата соопшти дека посетата е одраз на блиската соработка на двете земји за економскиот развој, климатските промени и безбедносните прашања. Чарлс, исто така, планира да се сретне со кениски претприемачи, да посети локации со диви животни и југоисточниот пристанишен град Момбаса.

Меѓутоа, многу Кенијци најмногу се фокусирани на она што Чарлс ќе го каже за британските злоупотреби од колонијалната ера, вклучувајќи тортура, убиства и проблематична експропријација на земјиште, од кое голем дел сè уште им припаѓа на Британци и британските компании. Кениската комисија за човекови права (KHRC) го повика кралот Чарлс за време на посетата да понуди „недвосмислено јавно извинување за злоупотребите за време на колонијалната ера“.

– Го повикуваме кралот, во име на британската влада, да упати безусловно и недвосмислено јавно извинување, за разлика од многу претпазливите изјави за жалење, за бруталниот и нехуман третман на граѓаните на Кенија, соопшти KHRC.

Сепак, како што се наведува, „нема индикации дека кралот планира да направи такво нешто“.

Гардијан пишува дека во екот на кениската борба за независност меѓу 1952 и 1960 година, британските војници протерале околу 1,5 милиони Кенијци, кои беа осомничени за учество во антиколонијално востание, во концентрациони логори, каде што биле подложени на тортура, силувања и други нехумани постапки.

Од друга страна, кралот Чарлс го повика KHRC да се извини за „бруталниот и нехуман третман“ на Обединетото Кралство за време на бунтот „Мау Мау“ во 1950-тите. Бакингемската палата, исто така соопшти дека на кралот „ќе одвои време во текот на неговата посета за подобро да ги разбере неправдите што ги претрпе народот на Кенија за време на споменатото востание“.