Британската влада ја презеде контролата врз Бритиш стил, следниот чекор е национализација


Владата на Обединетото Кралство ја презема контролата врз кинеската компанија Бритиш стил откако правната основа за тоа беше усвоена од Парламентот за само еден ден.

Министерот за економија Џонатан Рејнолдс, јавува Би-Би-Си, им рекол на пратениците дека следниот чекор на владата најверојатно ќе биде национализирање на фабриката во Сканторп, која вработува 2.700 работници.

Сепак, тој нагласи дека бил принуден да побара итни овластувања за да го спречи сопственикот, кинеската фирма Џингје (Jingye), да затвори две високи печки, што би значело крај на примарното производство на челик во Велика Британија.

Пратениците и членовите на Домот на лордовите беа повикани назад од велигденските празници да го разгледаат предлог-законот на исклучително ретка саботна седница на двата дома на Парламентот. Предлог-законот сега доби кралска согласност откако помина низ Домот на комуните и Домот на лордовите.

„Денес мојата влада интервенираше за да го спаси британскиот челик. Дејствуваме за да ги заштитиме работните места на илјадници луѓе и сите опции се на маса за да се обезбеди иднината на индустријата“, рече премиерот Кир Стармер.

Тој нагласи дека челикот произведен во Британија „ќе биде столбот додека ја рестартираме изградбата на земјата“ и додаде дека „индустријата е гордоста на нашето минато, сакам тоа да биде нашата иднина“.

Претходно, неколку стотици луѓе, вклучително и работници и нивните семејства, учествуваа на протестниот митинг во паркот Гланфорд, домот на Сканторп Јунајтед.

Би-Би-Си, исто така, пишува дека полицијата била повикана во челичарницата во понеделникот наутро поради сомневање за нарушување на јавниот ред и мир.

Претставниците на компанијата Џингје во последните денови редовно ја посетуваат локацијата, а односите меѓу нив и работниците стануваат се понапнати.

Извори изјавија за Би-Би-Си дека системите за автоматско препознавање на регистарски таблички не им дозволувале на раководителите на Jingye да влезат преку рампата на влезот во фабриката.

На законот што помина во Парламентот не се спротивставија опозициските партии, иако конзервативците рекоа дека владата требало порано да реагира.

Тој му дава на Џонатан Рејнолдс широки овластувања да управува со фабриката и вработените за да обезбеди континуирано производство, вклучувајќи ја и можноста да влезе во објектот со сила, доколку е потребно, за да го заштити имотот. Сепак, сопственоста на фабриката засега останува во рацете на Џингје.

Владата и понатаму се надева дека ќе успее да обезбеди приватни инвестиции за да ја спаси фабриката во загуба, но министрите признаваат дека во моментов нема компанија подготвена да поднесе понуда.

Министерот за економија објасни дека владата, во случај на национализација, ќе им плати фер пазарна цена на акционерите, но додаде дека одржувањето на објект со загуба може да претставува голем трошок за даночните обврзници.

Сепак, Рејнолдс инсистира дека е во „национален интерес“ да се одржи капацитетот за производство на челик и изрази уверување дека компанијата има иднина, особено кога владата ги зголемува инвестициите во инфраструктурата.

„Челикот е основата на индустриската сила на Британија, нашата безбедност и нашиот идентитет како глобална сила“, изјави тој пред пратениците.

Тој додаде дека бил принуден да го преземе управувањето со фабриката за челик бидејќи Џингје, која го купи Бритиш стил во 2020 година, ги отфрлила владините понуди да купи суровини за да ги одржува високите печки во функција.

Проблемите во Бритиш стил траат долго време, а во октомври 2023 година беа најавени масовни отпуштања, кои требаше да погодат околу 2.000 работници. Медиумите од Островот тогаш пишуваа дека компанијата губи околу триесет милиони фунти месечно.