Британска донација за социјално загрозените


Британска амбасада во Скопје се приклучи кон иницијативата на претседателот Стево Пендаровски – „Волонтираме за солидарно општество“. Утрово амбасадата донираше 450 пакети со вкупно 6.200 прехранбени продукти и продукти за хигиена за поддршка на граѓаните од најранливите категории кои се во социјален ризик, погодени од кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот.

 Донацијата е направена во соработка со Црвениот крст, која е една од партнерските организации во рамките на оваа хуманитарна иницијатива. Доставата на овие пакети до граѓани кои се од најранливите социјално загрозени категории ќе се врши согласно протоколите за заштита и за превенција, а врз основа на искуството на Црвениот крст.

При извршување на донацијата британска амбасада ги почитуваше сите протоколи за безбедност пропишани и препорачани од Владата и од Светската здравствена организација, вклучително и физичка дистанца, проветрување, дезинфекција, миење раце и носење заштитна опрема (маски и ракавици). Британија останува силен партнер на Република Северна Македонија и продолжува да го гради и зацврстува долгогодишното пријателство, се вели во соопштението на амбасадата.