Британија воведе санкции против шефовите на „Гаспром“ и Росатом


 

Велика Британија воведе санкции против 92 руски компании и граѓани на годишнината од почетокот на војната во Украина.

„Денес воведуваме санкции на елитата која ги контролира клучните индустрии на Путинова Русија“, рече британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.

Санкциите вклучуваат 34 шефови на „Ростек“ и „Алмаз-Антеј“, како и десет шефови на „Гаспром“, девет шефови на „Аерофлот“ и раководството на Росатом, се наведува на веб-страницата на британската влада.

Ограничувања се наметнати и на Матијас Варниг (извршен директор на Норд стрим АГ, оператор на гасоводот Северен тек), Љубов Кабаева (мајка на шефот на Националната медиумска груп,а Алина Кабаева), Алексеј Дјумин (поранешен телохранител на Владимир Путин, гувернер од регионот Тула), Алексеј Козак (син на заменик-шефот на претседателската администрација Дмитриј Козак), Виктор Зубков (поранешен премиер, претседател на одборот на директори на „Гаспром“) и шеф на руското Министерство за дигитален развој Максут Шадаев.

Освен тоа, санкциите погодија и четири руски банки: Уралсиб, Зенит, МТС банка и Банката Санкт Петербург. „Овој потег дополнително ја изолира Русија од меѓународниот финансиски систем и ќе и помогне на ОК и нејзините партнери да спречат заобиколување [санкции]“, се вели во соопштението на британската влада.

Во исто време, Велика Британија воведе забрана за извоз на делови за авиони, радио опрема и електронски компоненти што се користат во военото производство, вклучително и за производство на беспилотни летала. Забраната вклучува и увоз на 140 производи од железо и челик, вклучително и оние кои биле преработени во трети земји.

„Новите санкции го забрануваат извозот на секој производ што Русија досега го користи на бојното поле“, се вели во соопштението на британската влада.