Британија: Нема гас за ЕУ ако сме во криза


Велика Британија ќе ја прекине испораката на гас за ЕУ ​​доколку западне во криза, пишува „Financial Times“, повикувајќи се на акционен план во четири чекори за енергетските компании во земјата.

„Доколку дојде до криза со природен гас на островот, испораките за Холандија и Белгија ќе бидат прекинати“, се вели во мерките.

Ова ќе биде една од првите мерки што Лондон ќе ги преземе во случај на проблеми во енергетскиот сектор, станува јасно од публикацијата, пренесе Денар.

Како поранешна членка на ЕУ, Британија е поврзана со гасоводи со континентална Европа и Ирска. Во Унијата еден од принципите е взаемна помош во време на криза, а досега во зимските месеци Британија често беше нето увозник на гас од континентот. Во зимата 2018-та година, на пример, Британците се потпираа на околу 20-25% од нивната потрошувачка на залихи од Европа.

Земјата произведува природен гас од полињата во Северното Море, што покрива околу половина од нејзините потреби. Остатокот се увезува од Европа и Норвешка, како и течен природен гас (околу 22% од потрошувачката). Поради војната во Украина и високите цени на енергијата, Лондон го забрза истражувањето и производството на гас на својот брег.

Во текот на летните месеци, сепак, приливот од британските гасоводи е кон Европа, бидејќи Велика Британија нема голем капацитет за складирање на гас.

Од март гасоводите кон Холандија и Белгија работат со полн капацитет и испорачуваат околу 75 милиони кубни метри дневно во ЕУ. На овој начин, Британија обезбеди тампон за Европејците против прекинот на руските испораки. Германија и Холандија, исто така, ги започнаа своите планови за итни случаи во случај на енергетска криза по прекинот на снабдувањето со „Северен поток“.