Британија ќе биде домаќин на првиот глобален самит за безбедност на вештачката интелигенција


Велика Британија ќе биде домаќин на глобален самит за безбедност на вештачката интелигенција подоцна оваа година, соопшти британската Влада, додавајќи дека премиерот Риши Сунак и американскиот претседател Џо Бајден исто така ќе разговараат за тоа за време на денешниот состанок.

На самитот ќе се разговара за ризиците што ги носи вештачката интелигенција, вклучително и граничните системи, и ќе се дискутира за тоа како тие можат да се ублажат преку меѓународно координирана акција, се вели во соопштението на британската Влада.

Неколку влади разгледуваат како да ги ублажат опасностите од новата технологија, која бележи бум во инвестициите и популарноста кај потрошувачите во последниве месеци по објавувањето на ChatGPT на OpenAI.

Тоа ја вклучува и Кина, каде Владата се обидува да иницира регулативи за вештачка интелигенција, според милијардерот Илон Маск, кој се сретна со официјални лица за време на неговото неодамнешно патување во Кина.

Регулаторите ширум светот се обидуваат да изготват правила за регулирање на употребата на вештачка интелигенција, која може да создава текст и слики, чие влијание се споредуваат со појавата на Интернет.

Сунак, кој е во посета на САД, денеска ќе се сретне со Бајден во Белата куќа.