Британија ја пречека министерката Славјанка Петровска со „Јовано, Јованке“


Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска беше пречекана во Лондон со церемонија со највисоки воени почести и со изведба на македонската песна „Јовано, Јованке“ од воениот оркестар. На цеременијата Петровска од воениот офицер беше отпоздравена на македонски јазик, а потоа почнаа разговорите со нејзиниот домаќин, министерот за одбрана Бен Валас.

„Од Лондон ја испраќаме пораката дека ја осудуваме инвазијата врз Украина. Но, истовремено испраќаме и порака на обединетост на сојузниците и подготвеност да ја гарантираме безбедноста на државите – членки на НАТО Алијансата“, рече Петровска по средбата со Валас.

Британскиот министер Валас го потврдил ставот дека НАТО е единствено во цврстата заложба кон колективната безбедност во НАТО. Валас порачал дека членството на Северна Македонија во НАТО е особено важно за зачувување на безбедноста во регионот и се заложи за зајакнување и продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји.

Во соопштението се додава дека Обединетото Кралство го поддржува развојот на армиските капацитети на повеќе полиња – во Министерството работи британски советник за трансформација на Армијата, тим од Обединетото Кралство дава поддршка за развој на армискиот полигон „Криволак“, а македонски офицери имаат шанса да се школуваат на највисоките воени школи во Велика Британија.

Припадниците на двете армии изведуваат заеднички вежби и обуки и годинава британски војници ќе бидат дел од досега најголемата воена вежба на армискиот полигон „Криволак“, вежбата „Брз одговор 22“ планирана за напролет.