Брисел во хор ја поздрави одлуката на Собранието

Честитики упатија Шарл Мишел, Урсула фон дер Лајен и Оливер Вархеи


 

Двајцата први луѓе на Европската унија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, само десетина минути откако Собранието ги усвои заклучоците со кои ѝ препорачува на Владата да ја прифати преговарачката рамка соопштија дека Македонија тргнала на патот кон ЕУ.

„Денешното гласање во Собранието на Северна Македонија го поплочува патот за одржување на првата меѓувладина конференција идната недела. Ова е суштински чекор на земјата и за ЕУ. Нашата иднина е заедничка и ве чекаме со отворени раце“, напиша на Твитер Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.

Пораката на претседателката на Европската комисија беше во ист тон:

„Честитки до Северна Македонија за гласањето со кое се овозможуваат условите за брзо отворање на пристапните преговори. Ова беше историска можност и вие ја искористивте“, напиша Фон дер Лајен на Твитер.

На Твитер се огласи и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи:

„Го поздравувам гласањето по неколкудневна дискусија во парламентот со што на владата и се дава чист мандат за почеток на првата Меѓувладина конференција базирана на францускиот предлог. Се радуваме на отворањето на пристапните преговори во вторник кога ќе се сретнеме во Брисел за првата Меѓувладина конференција“.

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, оцени дека со денешната одлука во македонскиот парламент се отвориле вратите на ЕУ за земјата и дека е испишана историја.

Од оние што се дел од европските институции имаше и спротивни реакции. Како онаа на пратеникот во Европскиот парламент од германските Зелени, Рајнхард Бутикофер, кој рече дека се срами од постојаното предавство кон Македонија од страна на ЕУ. „Многу ми е срам поради континуираното предавство кон Северна Македонија од страна на ЕУ. Зборовите на Фон дер Лајен не можат да бидат доволно слатки за да го премачкаат ова“, рече Бутикофер на Твитер.