„Брисел Тајмс“: По оној со Атина, Скопје сега се соочува со спор со Софија

Откако го реши прашањето за името со Грција, која со години го блокираше стартот на преговорите за членство на земјата, Северна Македонија сега се соочува со уште еден спор, со нејзиниот сосед Бугарија, за јазикот и историјата, посочува „Брисел Тајмс“.

Изданието наведува дела за Европската комисија добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи во процесот на проширување, па затоа Брисел „ги охрабрува двете страни да ги удвојат своите напори да најдат решение за проблемите“.

– Останува на Северна Македонија и Бугарија да го решат спорот меѓусебно, бидејќи Комисијата нема да посредува во дијалогот како што го прави тоа во случајот со Србија и Косово, додава „Брисел Тајмс“.

Осврнувајќи се на неодамна објавените извештаи за напредокот на државите кандидати изданието наведува дека во областа на судството и основните права, напредокот значително се разликува во споредба со минатата година, посочувајќи дека само Албанија и Северна Македонија, земји „кои со нетрпение чекаат да започнат пристапни преговори кон крајот на оваа година“, постигнале „добар напредок“, додека Србија и Црна Гора, единствените земји во регионот кои ги започнаа преговорите, не постигнале напредок во оваа област.

– Ситуацијата е уште полоша во сите земји кога станува збор на борбата против корупцијата и почитувањето на слободата на изразување. Западниот Балкан и Турција и натаму манифестираат „широко распространета корупција“ и воопшто не оставриле или оствариле ограничен напредок кога станува збор за слободата на изразување, додава весникот.

Сепак според „Брисел Тајмс“, иако извештаи за напредокот во 2020 година покажуваат дека земјите кандидати за членство од Западен Балкан се уште не се подготвени за прием во Унијата,

Европската комисија продолжува да го води процесот на проширување на ЕУ и во услови на кризата со коронавирусот.

Портпарол на Еврокомисијата за весникот изјавил дека проценките и препораките за земјите наведени во последните извештаи се појасни и попрецизни. – Извештаите се потранспарентни околу состојбата на преговорите за членство и за степенот до кој се спроведуваат основните реформи, додал портпаролот.

„Брисел Тајмс“ потсетува дека Европската Комисија на почетокот на јули пред Советот на ЕУ ги презентираше предлог преговарачките рамки за Албанија и Северна Македонија, но тие не се објавени во јавноста.

Весникот посочува дека во рамки на Советот се уште се во тек дискусиите околу предлог преговарачките рамките, па затоа портпаролот на Еврокомисијата одбил да ги коментира.

– По усвојувањето на рамките од страна на Советот, ќе бидат свикани првите меѓувладини конференции со што официјално ќе започнат преговорите за членство, истакнува весникот, додавајќи оти евркомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји се надева дека тоа ќе се случи во текот на германското претседавање со ЕУ кон крајот на оваа година.