Брисел очекува од Црна Гора влада што ќе продолжи со ЕУ реформите


Белгија– Европската Унија утрово го поздрави мирниот изборен процес во Црна Гора, но нотира дека кампањата била „интензивно поларизирана“ и бара инклузивен дијалог помеѓу сите чинители, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во заедничкото соопштение на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји и шефот на ЕУ дипломатијата, Јосеп Борел, се истакнува дека преодните наоди на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР констатирала дека иако изборите биле добро менаџирани, поларизацијата на јавната дебата околу прашањата врзани за црквата и националниот идентитет, како и недостатокот на рамнотежа во медиумското покривање во корист на власта, се прашања кои треба да се решат.

– Кога извештајот на ОБСЕ/ОДИХР ќе биде готов и препораките поднесени, сите политички чинители и релевантни институции треба да се посветат на транспарентен, одлучен и инклузивен дијалог за имплементација на овие препораки и да ги решат долгогодишните изборни недостатоци навремено пред следните избори, порачаа Вархеји и Борел.

ЕУ се надева дека следната црногорска влада ќе продолжи да ги исполнува реформите поврзани за членство во ЕУ.

– Црна Гора е многу напредна во пристапниот процес кон ЕУ и следните месеци треба да бидат искористени за да се продлабочат и забрзаат политичките и економските реформи, посебно во делот на владеењето на правото, стои во реакцијата на ЕУ.