Брисел без коментар за наводите дека Израел нуди вакцини на Косово во замена за амбасада


Европската комисија нема коментар за наводите дека Израел му ветила на Косово голем број вакцини во замена за отворање амбасада во Ерусалим, јави дописничката на МИА од Брисел.

На прашање на редовниот брифинг во Брисел од Европската Комисија денеска едноставно ја повторија познатата позиција на ЕУ во однос на израелско-палестинскиот конфликт и статусот на Ерусалим, а тоа дека ЕУ се залага за решение со две држави, додека статусот на Ерусалим треба да биде исход на заеднички преговарачки процес.

Согласно резолуциите на Обединетите Нации и позицијата на ЕУ, дипломатските претставништва треба да се наоѓаат во Тел Авив додека не се реши статусот на Ерусалим. Секое признавање на Ерусалим како главен град на едната или другата страна значи прејудицирање на крајниот компромис помеѓу Израел и Палестина, што е неприфатливо за ЕУ.

Европската Комисија повтори дека жали што Приштина се оддалечува од позицијата на ЕУ по ова прашање и потсетува дека усогласувањето со принципите на надворешната политика на Унијата е исто така дел од процесот на приближување и интеграција во ЕУ.

Брисел меѓутоа одбива да ги коментира наводите дека станува збор за договор помеѓу косовските и израелските власти во кои Приштина би добила вакцини во замена за отворање на амбасада во Ерусалим.