„Брима“ појасни дека анкетата за рејтингот на партиите е точна, иако таа не ја објавила


Агенцијата „Брима“ денеска се јави со соопштение со кое ги отфрли повеќето напади од медиуми блиски до опозицијата дека анкетата што излезе пред некој ден наводно била лажна. Во таа анкета што прво ја објави „А1он“, а потоа беше пренесена од неколку медиуми, предноста на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ е 3,6 отсто (18,7 наспроти 15,1), а кога ќе се додаде уште рејтингот на Беса од 2,6 проценти оваа коалиција има предност пред ВМРО-ДПМНЕ од 7,2 отсто.

Во известувањето на агенцијата до медиумите се вели:

„Ве известуваме дека ‘БРИМА’ четири пати годишно редовно спроведува Омнибус истражување повеќе години. Во рамките на ова истражување е и секцијата за социо-политички стандардизирани прашања во рамки на Политичкиот барометар на ‘Брима’.

Овие податоци кои се сопственост на ‘Брима’ ги нудиме на потенцијални клиенти кои се заинтересирани за нив.

Истражувањето во јунскиот бран се спроведе од 5 до 14 јуни 2020 со телефонска анкета (CATI) со национално репрезентативен примерок N=1174 испитаници на возраст 18+ години.

Понудата ја прифати еден од клиентите со ексклузивно право на користење и објавување.

Наводите дека ‘Брима’ воопшто не спровела анкета не се точни. Уште еднаш објаснуваме дека ‘Брима’ не ја објавила анкетата, а истата ја спровела во наведениот период“, се наведува во соопштението на агенцијата „Брима“