Бригите Бирлајн нов канцелар на Австрија

Претседателот на Австрија, Алекснадер Ван дер Белен денеска ја именува претседателката на Уставниот суд на земјата, Бригите Бирлајн за привремен австриски канцелар.

Како што јави ДПА, со ова Бирлајн станува прва жена во историјата која ќе раководи со една Влада на Австрија.
Бирлајн е претседателката на Уставниот суд на Австрија од февруари минатата година, а пред тоа пет години беше негова потпретседателка.

Владата на Бирлајн ќе има привремен карактер и таа ќе управува со земјата до одржувањето на предвремените избори, предвидени за во септември.

Бирлајн на канцеларската функција ќе го наследи Себастијан Курц, кој поднесе оставка на 27 мај, откако Долниот дом на австрискиот Парламент и изгласа недоверба на неговата Влада на предлог на опозициската Социјалдемократската партија на Австрија (СПО).

На оставката на Владата, претходеше повлекувањето на министрите од помалиот коалициски партнер во Кабинетот, Партијата на слободата на Австрија (ФПО), поради обелоденетиот корупциски скандал на досегашниот партиски лидер Ханс-Кристијан Штрахе.

На предвремените избори, според анкетите на јавното мислење, се очекува убедлива победа на конзервативната Австриска народна партија (ОВП) на Курц со околу 38 проценти од гласовите, пред социјалдемократите со 26 отсто и екстремно десничарската ФПО со 18 проценти.