Брегзит – најголема катастрофа што која било британска влада договорила досега
Британски производител на сирење вели дека Брегзит и последователните трговски договори ја чинеле неговата фирма 270.000 фунти - доволно за да банкротира

Британскиот производител на сирење кој предвиде дека Брегзит ќе го чини стотици илјади фунти во извозот, го нарече „катастрофа“ излегувањето на Обединетото Кралство од единствениот пазар на ЕУ, бидејќи го загуби целиот свој бизнис на големо и мало во текот на изминатата година. Сајмон Спарел, коосновачот на компанијата „Cheshire Cheese“, вели дека личниот совет што го добил од владиниот министер „да се стреми кон пазарите надвор од ЕУ“ за да ги компензира неговите загуби, се покажал како „скапа шега“.
„Излегува дека наш најголем конкурент на планетата е владата на Обединетото Кралство, бидејќи секогаш кога тие ќе направат фантастичен договор, нас нè исфрлаат од тој пазар, почнувајќи од договорот за Брегзит“, вели тој.
Спарел во јануари предвиде дека Брегзит ќе го чини 250.000 фунти.
„Изгубивме 270.000 фунти, така што една работа сфатив како што треба“, рече тој, опишувајќи го трговскиот договор со ЕУ за Брегзит како „најголемата катастрофа што која било влада некогаш го испреговарала во историјата на трговските преговори“.
Неговиот онлајн малопродажен бизнис беше погоден веднаш откако преговарачот за Брегзит, Дејвид Фрост, не успеа да обезбеди трговски договор за продажба од страна на индивидуални клиенти во ЕУ. Спарел рече дека изгубил 20% од продажбата за една ноќ откако открил дека треба да обезбеди здравствен сертификат од 180 фунти за секоја нарачка, вклучувајќи ги и пакетите со подароци кои чинат 25 или 30 фунти. Тој рече дека одржливоста на неговата онлајн малопродажба дошла до „мртва точка“.
Откако тргна во лична крстоносна војна за да го привлече вниманието за маките на извозниците, при што даде речиси 200 интервјуа за медиуми низ целиот свет, тој беше поканет на онлајн состанок со Викторија Прентис, министерка во Одделот за животна средина, храна и рурални прашања. Таа му посочила дека пазарите во развој би можеле да ја компензираат „дупката“ во финансиите предизвикана од Брегзит. Спарел пробал да го прошири бизнисот во Норвешка и во Канада, но трговските договори по Брегзит, запечатени од владата, се покажале повторно како бариери.
„Веќе немаме никаква способност да работиме со ЕУ бидејќи нашите три дистрибутери во Германија, Франција и Италија рекоа дека сме прескапи поради новите проверки и документи.Сега ја изгубивме и Норвешка со трговскиот договор, бидејќи царината за големопродажба е 273 отсто. Потоа пробавме со Канада, но она што владата не ни го кажа е дека царина од 244 отсто се применува за која било пратка над 20 долари “, вели тој.
Тоа значи дека канадските клиенти кои нарачале подарок пакет во вредност од 50 фунти заедно со транспортните такси, биле замолени да платат дополнителни 178 фунти царински давачки кога курирот пристигнал на нивната врата.
„Клиентите ни велеа: Можете да го вратите тоа, ние повеќе не го сакаме. Давачката за сирење во пакување од 30 фунти за Норвешка изнесуваше 190 фунти“, рече тој.
Спарел сега го следи домашниот пазар со поголема енергија, но вели дека трошоците за маркетинг се вивнале до небо, бидејќи сите негови конкуренти мора да го сторат истото.
„ Досега можевме да продаваме низ ЕУ, а сега сите рибариме во исто езерце. Порано бевме најголеми продавачи на интернет, но сега сме апсолутно бомбардирани од нашите ривали за сирење бидејќи тие ги купуваат сите реклами на Google за да се обидат да не победат. Тоа се конкуренти кои никогаш порано не би ни пречеле“, рече тој. „Тажната“ работа, рече Спурел, е тоа што малите до средни компании како што се неговите биле закочени од Брегзит и од други трговски договори склучени од владата, наместо од големите конкуренти.
Тој истакна дека, за разлика од нив, канадската компанија „Сапуто“, со пазарен капитал од повеќе од 14 милијарди канадски долари (8,3 милијарди фунти), добро го исполнила норвешкиот договор бидејќи производителите на три од четирите „премиерни“ сирења се избориле за „значително намалените тарифи “. (Гардијан)